За селото

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Копачка, во западниот дел на територијата на Општина Кичево, сместено во непосредна близина на градот Кичево, поради што се смета и за дел од неговата рурбална зона. Селото е планинско, на надморска височина од 1.000 метри. Од самиот град Кичево е оддалечено неполни пет километри.

Селото се наоѓа на ридско земјиште, западно од градот Кичево. Околни села се: на југ е Другово, на север се Осој и Лешница, на запад се Јаворец и Горно Добреноец и на исток е градот Кичево.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ќерамидница, Мала Ливада, Јаорче, Рупчиња, Средни Рид, Маркулези, Аранѓел, Дрмници, Кутел, Батаноец и други.

Селото е од збиен тип. Не се дели на маала, бидејќи е мало село. Сепак, роднинските куќи се групирани.

Селото Кнежино се наоѓа во областа Горна Копачка, на 4 километри северозападно од Кичево.



Историја

Во XIX век, Кнежино било село во Кичевската каза, на Отоманското Царство.

Според преданието кое се раскажува кај мештаните, селото најпрвин било основано во средниот век. Основач на селото и на блискиот манастир бил некој кнез. По него се верува дека е добиено и самото име на селото.

Во историските извори, селото прв пат се споменува во 1476/77 година, кога имало 35 словенско-христијански куќи.

Средновековниот манастир „Св. Ѓорѓи“ бил сместен на 500 метри југоисточно од денешното село. Манастирот располагал со многу земја и пространа шума. За време на турската власт, истиот бил срушен. Во тој момент, настрадало и самото село Кнежино, заедно со шест други кичевски села.

Потоа, Кнежино било обновено. Денешните родови дошле од повеќе страни.

На ридовите над денешното село Кнежино има пет пусти селишта, на кои порано се наоѓале селата:

  • Маркулези — источно од денешното село
  • Крушино — источно од денешното село, на кое денес постои пространа шума од костени
  • Колибиште — северно од денешното село
  • Кутел — јужно од денешното село
  • Аранѓел — западно од денешното село

Преданието вели дека сите овие села пропаднале во време кога бил срушен Кнежинскиот манастир. И денес, може да се забележат остатоци од куќи и стари гробови на нивните места.


Црква ,,Св. Димитриј”

Свети Димитриј — главна селска и гробјанска црква во селото Кнежино. Црквата е сместена во средишниот дел на селото, а околу нејзе се наоѓаат и селските гробишта. Црквата била изградена во 1911 година. Истата била осветена дури на 10 октомври 2005 година од страна на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.