Моите страници: Дреново

Сведоштва :

Д Р Е Н О В О

Во оваа наша убава земја, во оваа библиска Македонија, има многу села кои го носат, односно го носеле името Дреново. Село со вакво име, во минатото, постоело и во околината на Кичево.
За жал,сега, од него останале само записите и спомените кои се пренесуваат од колено на колено, особено меѓу жителите кои потекнуваат од населените места кои гравитираат на просторот од Бистриниот огранок Дреново. Тоа се селата Кнежино, Осој, Раштани, Речани, Лешница, Грешница, Бачишта и другите од Кичевско – Зајаскиот регион.
Според моите истражувања ова село било лоцирано на просторот над Изеро нива и над некогашното село Долени, северозападно од Кичево.
Добро упатените “извори” ми рекоа дека Дреново се наоѓало високо над селото Осој и лево од селата Лешница и Речани .Ако кон ова се додаде дека на просторот каде што се наоѓало селото, едно место, и денес, го носи името Гумно, тогаш мислам оти сѐ е јасно. Нели?
Но, пред да проговорам нешто повеќе за ова некогашно село една мала дигресија.
Имено, на месноста Средна ричка, која се наоѓа под Изеро нива наидовме на една табла на која стоеше напишано дека тука се наоѓала црква “Свети Никола”. Кому таа му припаѓала? На ова прашање од денешна временска дистанца е тешко да се каже. Но, сепак
нејзината локација упатува на заклучок дека и овде на овие Бистрини височини во минатото се беседело словото Господово.
Инаку, постоењето на селото Дреново не е предмет на опсервација само на усните кажувања, односно на народната традиција, туку и на историската литература. Покрај документите, кои им припаѓаат на 19 и 20 век, за неговото постоење говорат и оние од 15 и 16 век.
Вакво сведоштво има и во Османлиските пописни дефтери.Имено, според пописот од 1468 година во селото Дреново, кое било дел од Кичевската нахија, биле регистрирани 13 семејства и две неженети лица или тогашната популација броела нешто помалку од седумдесетина жители.
За волја на вистината дел од оваа Нахија во овој период било уште едно село со исто име, Дреново, кое и денес постои. Се наоѓа на одалеченост од
10 километри од соседен Македонски Брод, во областа Порече. За него стои дека со пописот од 1468 година, биле евидентирани 9 христијански и 1 муслиманско семејство, како и 1 неженет христијанин или нешто повеќе од 50 жители.
За жал не располагам со други податоци од пописните дефтери, кои се однесуваат на ова населено место.
Од друга страна пак, Д-р Јован Ф. Трифуноски во својот труд “Кичевска котлина, селски населби и население”, Скопје, 1968 година,каде што на неговите последни страници бележи и неколку села од сегашната бродска општина,меѓу другото за ова село од поречието ќе подвлече”… како словенско – христијанско село, Дреново останало до средината на 19 век. Тогаш во него се населиле муслимански Арбанаси (Албанци – м. з). Поради честите нивни зулуми Македонците од ова село морале да се иселат”.
Васил К’нчов во своето дело “Македонија. Етнографија и статистика”, Софија, 1900 година, подвлекува дека до споменатата година во Дреново имало 200 жители Албанци. И Д. М.Бранкоф во делото “Македонија и нејзиното христијанско население ” Париз, 1905 година во поречко Дреново не го потврдува неговиот христијански карактер.
И со наредниот податок се уште сме на поречки терен.Имено, последните жители, муслимани, од Дреново се иселиле во 50-ите години на минатиот век.Оттогаш селото го населуваат Македонци. Со последниот попис, од 2002 година, биле регистрирани само 33 жители,иако во годините пред тоа нивниот број бил далеку поголем.
Повторно се враќаме на “нашиот”, кичевски “терен”,бидејќи податоците со кои јас располагам исклучиво се однесуваат за Кичевското, сега непостоечко, село Дреново.
Во пописната 1481 година овде биле регистрирани 36 семејства или 180-тина жители. Од засега непознати причини во првата половина на 16 век бележиме
намалување на бројот на семејствата, а со тоа и на бројот на неговите жители. Така, со пописот од 1545 година биле пребројани 17 семејства и 1 неженет или близу 90 жители, сите христијани. Со наредниот попис, оној од 1569 година, повторно имаме зголемување на неговата популација. Биле евидентиран 30 семејства и 13 неженети лица, односно вдовици. Тоа значи дека во втората половина на 16 век, кичевско Дреново имало без малку 170 жители.
И пак доаѓаме до една голема непознаница. Не знаеме до кога точно егзистирало и ова населено место и …
За ова село д-р Тома Смиљаниќ во книгата “Кичевија”, Скопје, 1931 година, ќе забележи:”… се наоѓало над селото Осој. Го уништиле азбиите, а луѓето се разбегале по соседните села…”.
Кога тоа се случило, останува непознато. Токму тоа, непознатото, е предизвик за натамошни истражувања. Еве “поле ” за работа за оние кои за тоа се платени. Но, и за оние кои “копањето ” по корените на својот род им е предизвик. Меѓу нив и на …

Зоран Јованоски