Да се памети. Да не се заборави: [vol.7]

Л О Ж И Л Н И Ц А

… е кичевска населба,која своето име го носи по истоимениот објект,кој бил дел од некогашно Кичево и кој се наоѓал на долниот дел на блокот Ламели “притеснет” на просторот меѓу сегашните улици “11 Септември”, “4 јули”, односно “8 септември”,”Елисие Попоски Марко ” и Булеварот “Ослободување”. Инаку, поширокиот простор од населбата допира до магистралниот пат и улицата “Борис Кидрич” Зошто е важен овој простор?
Важен е бидејќи тука биле лоцирани повеќе објекти,кои биле составен дел од железничкиот транспорт на теснолинејката,со колосек од 60 сантиметри на пругата Скопје – Тетово-Гостивар-Кичево-Охрид – Струга-Ташмаруништа.
Тука, се’ до затворањето на колосекот од 600 милиметри, 15 мај 1966 година,од почетокот на сегашната улица “Елисие Попоски Марко”, се наоѓала

Ложилницата која зафаќала добар дел од местото на првата, десна, Ламела, гледано во насока на Булеварот,бил простор каде што се вршеле поправки на локомотивите и вагоните од легендарниот мал воз,со повеќе имиња, “Ќирчо”, “Пампурче”, “Чајниче”,”… ,и каде што се товарел јагленот, кој заедно со пареата практично служеле како “погонско гориво”.
Во продолжение,на просторот на втората Ламела,во тоа време, имало купатило,каде се миеле локомотивите и каде истите се полнеле со вода.На овој простор се наоѓал и Железничарскиот дом , кој располагал со сала,амбулантен дел и во кој свое место имал и култниот фудбалски клуб “Железничар”, познат како “ЖЕПЕ”.
Во просторот меѓу десниот и левиот дел од блокот Ламели , гледано во правец на сегашниот Булевар се наоѓале колосеците,меѓу кој и колосекот по кој “Ќиро” превезувал патници и стока за Охрид и Струга и обратно.
Покрај тоа, на просторот на сегашниот “плоштад” на улицата “Елисие Попоски- Марко” се наоѓал железничкиот триангл, односно просторот за маневар на локомотивите и патничките и товарните вагони.
Барајќи податоци за кичевската Ложилница, прочитав дека “…По повод 1 Мај празникот на трудот, во далечната 1952 година железничарите изградија со доброволна акција, бања .Таа им служеше на машинобраварите, машиновозачите,ложачите и другите работници да се измијат по напорната дневна работа каде поминуваа по каналите и се валкаа при работата од многуте масла,правот и другите нечистотии.Беше задоволството по напорната работа,освежени и чисти да си одат по своите домови.(Извор:”Историја на теснолинејката:Скопје -Охирд – Пидмолје -Струга-Ташмаруниште 1916-1966”,Тренко Стојановски, Скопје,2001 година)
Во истиот извор прочитав дека шест години подоцна, односно во 1958-та по повод Денот на железничарите 15 април (Ден на поранешни Југословенски железници-м.з) пред Ложилницата свечено била пуштена во употреба фонтана, доброволно изградена од вработените во Ложилницата, Железничката станица и Секцијата За одржување пруги, ЗОП од Кичево.
Инаку пред запирањето на сообраќајот на теснолинејката од Гостивар до Охрид и Струга во Ложилницата Кичево биле вработени 66 работници.
За одбележување е тоа што во близина на просторот каде се наоѓаа Железничката станица, Ложилницата и другите пропратни објекти на теснолинејката која беше во функција 44 години , своите домови ги подигнаа голем број на лица со железничарските плати,во кои денес живеат нивните потомци,кои се горди на своите предци и на времето минато,за кое се врзани и нивните корени.

Зоран Јованоски

Фото:Тренко Стојановски


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.