Најново четиво за с.Кнежино и Кнежинскиот манастир низ наративот и произлезено од перото на нашиот пријател Зоран Јованоски,автор на Моите страници

Да се пишува за селата кои биле околу него и кои се дел од нашето, кичевско и македонско минато и да се пишува за манастирот “Свети Ѓорѓија”, познат уште и како Кнежински манастир, кој токму на неговите жители и на сите други кои копнееа по словото Господово,треба да им сме благодарни што како феникс повторно е дел од нашето битисување, а на селото Кнежино да не му се посветат неколку редови, не само што е греота, туку е и срамота.
Не сакајќи го тоа, едноставно одлучив да седнам и да ги напишам овие редови. Можеби нема да кажам нешто ново за добро упатените, но затоа пак, се надевам дека за другите тие ќе бидат добра основа да го надополнат своето знаење.
Аранѓел, Маркулези, Колибиште, Кутел, Крушино, Дрмник,…, одамна ги нема. Биле малечки села, со по едвај десеттина куќи, а некои и со помалку. Но, сепак биле нечиј дом.

Нечиј дом и тоа на 32 семејства и 2 неженети лица или на вкупно на 162 жители, сите христијани, било Кнежино во 1468 година. Овој податок го има во Османлискиот пописен дефтер. За разлика од нив, според пописните податоци од 1481 година, бележиме намалување на кнежинските семејства за 4.Со други зборови кажано, во овој период биле евидентирани 28 семејства , односно 140 жители. Зголемување на бројот на семејствата и тоа двојно е регистрирано со пописот во 1545 година,при што биле пребројани 60 христијански и две неженети лица, исто така христијани и едно муслиманско,односно исламизирано семејство, Тоа значи дека во првата половина на 15 век во Кнежино имало вкупно 310 жители.
За разлика од првата, во втората половина на 16 век, поточно во 1569 година бележиме намалување на бројот на христијанските семејства и тоа за повеќе од половина, но и зголемување на бројот на неженетите, односно на вдовиците. Во овој период, кој бил период на војни , епидемии, изразито исламизирање и миграциони процеси, биле пребројани 24 христијански, едно муслиманско, исламизирано семејство и 5 неженети лица, односно вдовици, христијани. Математика “вели” дека според овој попис во тогашно Кнежино вкупно имало 130 жители.
И тука ги затворам старите записи и ги отворам оние “поновите”. Во нив пак стои дека и Кнежино не е имун на легендите и преданијата. 
Според едно предание селото и блискиот манастир ги основал некој кнез. “… се верува дека по него е добиено и самото име”.Според друго пак :”… во манастирот седела кнегињата Кита, сестрата на Крали Марко…”
Кога веќе го споменав манастирот да кажам и тоа дека д-р Тома Смиљаниќ во книгата “Кичевија” вели :”… се зборува дека тој бил уште од времето на цар Лазар. Манастирот во средината на 18 век го срушиле дебарските азбии, кој ги предводел Шаќир – бег (1739-м.з.)”.
Д-р Јован Ф. Трифуноски пак во своето дело “Кичевска котлина, сеоска насеља и становништво” меѓу другото ќе подвлече :”… во исто време настрадало и селото Кнежино, како и шест други околни, малечки населби. По споменатото рушење обновено е денешното Кнежино. Денешните македонски родови се од разни страни,…”.
Во однос на манастирот науката бележи дека сегашната манастирска црква на овој простор е четврта по ред. Првата е изградена во 5, односно 6,век. Била со базикална форма и со димензии 29х27 метри. Втората во 11,односно 12,век,третата во 1973 година, а сегашната е осветена во 2007 година. 
Според погоре запишаното Кнежино и Кнежинскиот манастир “Свети Ѓорѓија” имаат иста судбина. Во едно време, невреме, срушени, но и не запустени. И селото и манастирот се своевиден феникс. Се “родија” тие на темелите на старите згаришта и катадневно блескаат со својот раскош, цврсто решени за навек да останат и да растат тука каде што се “родени”.


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.