“Од многуте запустени села од Дреново, од Дрмница, од Јаорец и други, избегало населението овде и го заселило селото …”.
Повторно зборови за нашето, македонско, односно нашето кичевско минато. Зборови кои, кога ќе ги слушнам или прочитам, не ме оставаат спокоен. Зборови кои, со некоја невидлива сила, просто ме тераат повторно да се “нурнам ” во непознатото, со надеж дека и овој пат ќе успеам да најдам одговор на прашањето, кое сам си го поставив:”Дрмница, дали е село од преданијата или …?
Бидејќи знаев дека редовите од самиот почеток на ова Сведоштво се однесуваат за селата Горно и Долно Добреноец, нормално беше месноста Дрмница најнапред да ја барам во атарите кои гравитираат кон овие и другите населби крај реката Студенчица. Од друга страна пак во османлиските пописни дефтери во тогашните 152, односно 162 села од Кичевската нахија, фигурира селото Дрмник.
Но, на мое големо изненадување ниту лево, ниту десно од Студенчица не постои месност со ова име.
Си помислив дека станува збор за уште едно предание од една и од друга страна, можеби селото за кои се однесуваат пописните податоци, постоело во делот од поречието, или пак мијачијата или пак во делот од другата, гостиварската, страна на Буковиќ, кои во 15 и 16 век биле во составот на оваа нахија.
Но, поаѓајќи од сознанијата дека на Бистриниот огранок Дреново, во тој период се наоѓале многу села, моето внимание го насочив кон атарите на селата Бачишта, Грешница, Лешница, Речани, Раштани, Осој и Кнежино.
Морам да признаам дека бев особено горд на себе, се разбира за упорноста, а едновремено и радосен кога во атарот на селото Кнежино прочитав дека меѓу многуте месности кои гравитираат кон него е и месноста Дрмница.
Набрзо мојот добар пријател, соработник и собеседник Сашо Божиноски, не само што ми потврди дека позната му е локацијата на ова село , туку дека и јас ја “знам” и оти многу пати сум го минал просторот каде што се наоѓало ова малечко село. На почетокот бев малку збунет. Но кога ми го спомна зборот “грдото”, сѐ ми беше јасно.
Имено, со ова име го викаме просторот, кој се наоѓа, во непосредна близина на местото каде на одалеченост на околу шестотини метри јужно од манастирот “Свети Ѓорѓија”, односно нешто повеќе од еден километар југо – источно од селото Кнежино,во правец кон некогашните села :Петро село, Старо село, и други,кој е дел од нашите планинарски рути на овој дел од Кичевијата, се наоѓа месноста Дрмница, постојбината на селото Дрмник, за што впрочем “говорат” и фотографиите, кои се прилог на ова писание.
Ова сведоштво не би било комплетно без податоците од Османлиските пописни дефтери, со кои селото, како што стои во записите, Дрмник ја добива својата историска верификација.
Така во 1468 година биле регистрирани само 3 , а 13 години подоцна, во 1481 година само 2, исклучиво христијански семејства, што значи во тој период Дрмник броело 15, односно 10 жители.
Кога помислив дека на наредните пописни страници ме чека разочарување од сознанието дека ова село повеќе не постои, за среќа тоа не се случи. Напротив.
Со пописот од 1545 година биле евидентирани 5 христијански семејства и 1 неженето лице, што значи во првата половина на 16 век селото имало 26 жители. Годината 1569 е година кога Дрмник има најповеќе жители – 41,при што биле пребројани 7 семејства и 6 неженети лица, односно вдовици.
Бидејќи моментно располагам само со овие податоци, единствено ми преостанува да претпоставам дека и ова село згаснува заедно со останатите малечки села, Аранѓел, Крушино, Маркулези, Колибиште и Кутел,
кои се наоѓале на просторот околу Кнежинскиот манастир “Свети Ѓорѓија”, во 1739 година.
Ако посочената година е година на неговото “исчезнување” бидејќи зад него остануваат цели 170 години, тогаш во “игра” се многу претпоставки и многу непознаници. Единствено што е познато е податокот дека едно негово семејство се преселува во тогашното село Добреноец, кое порано имало две маала, од кои подоцна настануваат двете села Горно и Долно Добреноец.
Но, како и да е, сепак со ова сведоштво потврдивме уште една историска вистина за уште едно Кичевско село, кое постоело во времињата што се зад нас.