Почнаа градежните активности во с.Кнежино

На иницијатива на новиот Совет на Месната заедница с.Кнежино во оваа градежна сезона се предвидени повеќе градежни активности и инфраструктурни зафати во селото какви што не се преземени повеќе години наназад. Денес 17.07.2019 година изведувачот на работите реномираната фирма од областа на градежништвото “АР-БА универзал изградба ” од с.Лисичани која нуди комплетна палета на услуги за сите работи во градежништвото по принципот клуч на рака,започна со градежни работи за реконструкција и санација на стариот резервоар за вода кој долги години беше надвор од функција.

По завршувањето на градежните работи на стариот резервоар за вода како наредна фаза е предвидено санирање на пукнатина на водената комора на новиот резервоар за вода преку кој со вода се снабдуваат сите корисници на селскиот водовод,а потоа и негово темелно чистење,дезинфекција ,како и хлорирање кое не е направено повеќе години.

Проектите за реконструкција и санација на резервоарите со вода за наши потреби ги направи позната фирма во регионални рамки за проектирање, надзор и изведба на вакви работи од областа на градежништвото и хидроинжинерството “ХИДРИНГ”од Кичево.

Исто така изведувачот “АР-БА универзал изградба” од с.Лисичани ќе изведе и градежни работи за покривање , соодветно канализирање и затворање на отворениот одводен канал кој долги години постои во центарот на нашето село.Одводните црева кои ќе бидат вградени за таа намена се обезбедени како донација од страна на Општина Кичево и ЈПКД”Комуналец”Кичево и Советот на МЗ с.Кнежино ја користи и оваа прилика да им изрази соодветна благодарност за разбирањето.


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.