СВЕДОШТВА: Дали во Крушино имало воденица или НЕ?

Пак за водениците.Овој пат не ги најдов, но затоа пак со помош на еден мој пријател ви нудам нешто нивно. Сигурно се прашувате :,,Што”? Засега нека остане тајна. Пред да Ви ја откријам, уште ова.
Во книгата ,,ЛЕГЕНДИ И ВИСТИНИ” е поместен и текстот за петте кнежински села меѓу кои и за селото Крушино. Во него покрај другото сум забележал :
,,… селата Маркулези и Крушино се наоѓале источно, на атарот на сегашно Крушино, кое се граничи со кнежинскиот атар, Колибиште, северно, Кутел, јужно, а Аранѓел, западно од сегашното село Кнежино… “

Во подоцнежниот период, во овој ист серијал, успеав за дел од нив, но и за некои ,,нови” села, да понудам и нивна верификација, која покрај на народната традиција се темели и на издржани, историски, податоци. Така, со помош на старите записи ми појде од рака да докажам дека на локалитетот Маркулези во 15 и 16 век, источно од денешно Кнежино постоело селото Миркос, а не како што порано објавив “село Маркулези”, бидејќи, да подвлечам уште еднаш тоа било име на месност, според која и селото било така именувано.
Од друга страна пак јужно од манастирот “Свети Ѓорѓија” постоело селото Дрмница,односно Дрмник. И за едното и за другото село пишував неодамна.
За волја на вистината за дел од нив, меѓу кои е и селото Крушино , тоа не ми појде од рака, па така, мислев дека неговото постоење сѐ уште е во ,,прегратките” на легендите и преданијата. Вака размислував до пред извесно време.
Имено, при една средба, мојот пријател Милче Матески, ме информира дека во непосредна близина, поточно над сегашниот ,,бај – пас” на патот кој води за Крушино и Кнежино ,,налетал” на воденички камен. Тој оваа случајна ,,средба” ја овековечил и без двоумење фотографиите ги сподели со мене.
Имајќи ги овие сознанија, нашите размислувања се совпаѓаат.Наш заклучок е дека овој раритет е своевиден сведок на постоењето на селото Крушино на поширокиот простор на овој, во едно време, познат и значаен излетничко-спортски локалитет.
Ова дотолку повеќе што далеку од умот е овој камен со извесна намера да се донесе на овие височини. Сосема е друго да се претпостави дека поради ерозиите на теренот, во времето што е зад нас, тој ,, слегол” на овој простор. Но, сепак неговото постоење упатува на тоа дека на просторот на Крушино во дамнешни времиња , постоела, макар една воденица. Ако таа постоела, тогаш во нејзина близина постоело и село. Ако народната традиција го бележи селото Крушино, тогаш овој камен, кој и ден денес ,,стои” на местото каде што е ,,најден” , тоа и го потврдува.
Нашето размислување е вакво. А, Вашето?

Автор: Зоран Јованоски (Моите страници)

Фото: Милче Матески


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.