СВЕДОШТВА: КАДЕ Е ВИСТИНАТА [ФОТО]

Специјално за порталот knezino.mk пишува Зоран Јованоски,долгогодишен новинар и уредник на Радио Кичево,писател и автор на успешниот проект „Моите страници“

Запишано е дека во четириесетите години од минатиот, 20 век, кога низ крв се раѓа македонската држава, прво училиште во кое наставата се изведувала на современ, стандарден, македонски јазик е училиштето во кичевското село Подвис, а второто во преспанското Љубојно. Исто така запишано е дека прв учител во првото бил подвижанецот Василко Лазарески, а во второто училиште, Методија Јовковски, Благоја Ничевски и Јосиф Кондовски од Љубојно, Филип Поповски од Долно Дупени и Фанија Чемчева од Воден Егејска Македонија.


Познато е дека наставата, на македонски јазик, во Подвис започнала на 23 септември 1943, а во Љубојно на 15 ноември 1944 година.И дотука е во ред. Но,…

Токму ова “НО” значи дека нешто не е во ред?!?

Пред да кажам во што е проблемот уште ова.Не сакам да бидам погрешно сфатен.Имено, императив на овие редови е утврдување на вистината и исправување на една историска неправда од една и од друга страна да стават до знаење дека токму две кичевски села, неколку села од славната Дебрца и едно преспанско се камен темелникот на македонското образование.

Сигурно се прашувате кое е второто кичевско село и зошто “досега се молчело”?!?

Второто кичевско село е селото Кнежино, а за ова првпат е пишувано на 08-ми март и 10-ти август 1980 година, втор пат шест години подоцна и третпат во 1994-та година,што значи и не се молчело.

Во исечоците од весникот “Нова Македонија”, што со нас ги сподели Бранко Петрески, син на кнежинскиот учител Борис, тогашниот дописник од Кичево Аце Сајкоски во рубриката “Спомени од минатото”, меѓу другото ќе забележи: “НОО во договор со партиската организација од селото, уште истата вечер донесува одлука да започне со работа училиште во кое наставата ќе се изведува на свој, мајчин, јазик. Новата народна власт од селото одлучува прв учител да биде Борис Петрески, трговски работник со стекнато образование на печалба во Белград”.

Од друга страна пак, во својата книга,”Кичевчани втемелувачи на македонската државност”, НИП “Ѓурѓа”, Скопје 1994, Аце Сајкоски ќе подвлече :”При ослободувањето на Кичево (11. 09.1943 г. – м. з.) значајно е и тоа што уште на 13 септември е формирана Команда на место, а на 14-ти Команда на подрачје. Со овие форми практично целата власт беше во рацете на македонските ослободители.По преземените мерки за безбедност и воспоставувањето на народната власт во слободно Кичево, се оживотворува многу вековната желба за отворање на училишта со настава на македонски јазик… “.


За училиштето во Кнежино, на Симпозиумот во Кичево во 1986 година Борис Петрески ќе рече : “Во селото Кнежино училиштето е отворено по два дена од формирањето на легалниот НОО, според одлуката донесена на Одборот. (Ако народната власт е воспоставена на 14-ти септември ,тогаш училиштето почнало со работа на 16.09.1943 година -м.з.)?!? За училиште е избрана куќата што е на средсело на Трајан Јоноски, кој во исто време е претседател на НОО во селото… “.

Изборот паднал на оваа куќа, која постои и денес, пред сѐ поради безбедноста на учениците, бидејќи тогашната постоечка училишна зграда, која била изградена во 1926 година се наоѓала под селото.


Сајкоски пред нешто повеќе од 40 години за првиот час ги забележал спомените на тогашниот ученик Илија Миноски, градежен техничар во “Македонија пат” во Кичево (сега покоен -м.з.).

-Кога на вратата се појави Борис,родителите ни рекоа дека дека тој ќе ни биде учителот. Чудно ни изгледаше, како наш човек да биде учител. Дваесетина ученици влеговме во приспособената просторија. На старите таблички почнавме со парчиња од ѓерамиди да ги пишуваме буквите. Постарите ученици читаа од некакви билтени…”.

На 10 август 1980 година повторно за весникот “Нова Македонија “, но овој пат во рубриката “Занимливости од нашите краишта “, Аце Сајкоски меѓу другото ќе запише: “Од 11 септември до 01 октомври 1943 година, во деновите на првото ослободување на Кичево слободен живот се живее и во село Кнежино… Учителот предпладне одржува редовна настава со учениците, а попладне работи со аналфабетскиот курс за возрасни. Тоа е единствен и прв пример од тоа време во сѐ уште не ослободена Македонија”.

Олга Павичиќ, Димитрија Наумоски, Стојанче и Драге Трајаноски и Коле Апостолоски, повозрасни кнежинчани, кои иако не биле ученици во првото училиште, туку своето образование го започнале по ослободувањето во училишната зграда која се наоѓаше на местото каде што денес се вишнее “Куќата на уметноста”, кај сите нив сѐ уште се свежи сеќавањата кои тие ги слушале од постарите нивни соселани за училиштето од виорната 1943 година.

За своите пишувања во “Нова Македонија” и книгата “Кичевчани втемелувачи на македонската државност” Аце Сајкоски ми рече дека тие не биле демантирани ниту потврдени (!?!).

Ваквата состојба сама посебе и по изминати 77 години од почетокот со работа на училиштето во Кнежино и по изминати 40, односно 26 години од пишувањето за него, отвора многу прашања.

Меѓу нив секако на прво место е : “Ако сето ова што е запишано и напишано е точно, зошто  сето ова нема историска верификација.

Кнежинчани, но и не само тие, се единствени во барањето дека навистина е крајно време  да се утврди што е точно. Ако сето ова што е речено е вистина, тогаш треба да се исправи оваа историска неправда.За нив не е важно кој ќе го го носи бројот” ЕДЕН” !?! Важно е и Кнежино да биде дел од македонската историја,бидејќи тоа и го заслужува. Едновремено тие се едногласни во барањето државата да изврши целосна санација на училишните згради во Подвис и Љубојно, кои пред очите на сите нас се претворени во урнатини, а на куќата во Кнежино редно е да стои спомен плоча која ќе сведочи дека тука било уште едно училиште каде што наставата се изведувала на мајчин, македонски, јазик. Тие треба да си го добијат местото кое им припаѓа без оглед на тоа кое училиште ќе биде прво,второ или трето, бидејќи токму тие се камен темелникот на македонското образование.

И пред да го “затворам” овој образовен “родослов” разрешена е дилемата зошто училиштето во кичевско Подвис го носи “епитетот” прво училиште. Во тоа ни помогна еден од најдобрите познавачи на историските прилики на овие кичевски простори Душан Ристоски.

Според него така е бидејќи училиштето во Подвис е отворено со одлука на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, а во Кнежино со одлука на месниот НОО, за што за жал нема пишан документ, што секако има и своја тежина.
Но, како и да е. Во овие турбулентни времиња, кога се посега и по нашата историја, редно е и училиштето во Кнежино ,но и оние кои биле формирани во повеќе селски населби во борбената Дебрца, охридско, да ја добијат својата верификација. Само така ќе потврдиме дека сме достојни на своите корени.


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.