После подолго време работите околу стабилизацијата на косините и санацијата на свлечиштето на локалниот пат Кичево-Кнежино,како и активностите за негово целосно оспособување и воспоставување на нормален режим на сообраќај како што беше пред активирањето на свлечиштето,кај месноста “Крушино” се придвижуваат во позитивна насока со цел конечно и трајно решавање на овој горлив проблем кој се појави пред неколку години по преземените интензивни градежни активности во тој дел за изградба на Автопатот А2 Кичево-Охрид.
За таа цел деновиве на лице место се вршат дополнителни гео-механички испитувања и бушотини на теренот по барање на професори од Градежниот факултет во Скопје,а во присуство и на стручни тимови на Главниот надзорен орган задолжен за изградбата на Автопатот А2 Кичево-Охрид Градежниот институт “Македонија”од Скопје и на изведувачот на работите ГД”Гранит”АД од Скопје.
Според информациите на порталот knezino.mk, проектот за стабилизација на косините и санација на свлечиштето и локалниот пат,треба да биде готов најдоцна до средината на месец ноември оваа година и истиот треба да биде предаден на ревизија кај надлежните институции,а кое нешто е неопходен предуслов за да се премине во наредна фаза каде изведувачот ГД”Гранит”АД Скопје на терен потоа ќе треба да започне со изведување на интензивни градежни активности.
Да се надеваме дека проблемот на оваа фреквентна сообраќајна делница наскоро ќе биде комплетно,квалитетно и трајно решен. Со тоа повторно ќе се овозможи нормална и непречена комуникација на задоволство на жителите и мештаните од селото и викенд населбата Кнежино,верниците кои во голем број секојдневно го посетуваат Кнежинскиот манастир”Свети Георгиј Победоносец”,посетителите на мотелско-угостителскиот комплекс “Куќа на уметноста”во с.Кнежино, љубителите на планинскиот туризам,бројните спортисти и рекреативци,како и останатите посетители од Кичево,околината и пошироко.