СВЕДОШТВА: КНЕЖИНСКОТО УЧИЛИШТЕ [ФОТО]

На местото на денешната “Куќа на уметноста ” во селото Кнежино, (официјално пуштена во употреба во 2005 година – м.з), од 1926 година се наоѓаше старата училишна зграда. До почетокот на Втората светска војна овде наставата се одвивала на српски јазик. Постарите кнежинчани паметат дека прв српски учител бил “… некој си Мијалко, кој фамилијарно живеел овде”.

Ни беше речено дека тој донесол радио кое било поставено во училишниот објект, во кој немало електрична енергија. Радио приемникот работел на батерии, а неговата антена била поставена на врвот на едната од двете високи јасики во школскиот двор.

За време на војната училиштето престанало со работа. Српските учители си заминале, а училиштето кое било “надвор” од селото поради воените дејствија не било безбедно.

Но, и покрај воениот виор, сепак во Кнежино, се одвивала настава. За одбележување е тоа што таа се одржувала на мајчин, македонски, јазик. За тоа нешто повеќе наскоро. Инаку по ослободувањето наставата продолжила да се реализира во ова училиште, кое до неговото затворање, го носи името на кнежинчанецот Перо Петрески, кој бил убиен од страна на балистите во септември 1944 година под самото село.

Според повеќемина кнежинчани, ученици во училиштето, наставата до четврто одделение се изведувала до 1970 година.

Во меморијата на некои негови ученици останале учителите :Апостол Петрески и Благоја од село Осој, Петко Мијакот, Стојан од село Мраморец- охридско, Јане од село Козица, Косара од село Раштани, Ѓоко од село Ропотово-прилепско, но и кнежинските учители Ѓурѓа и Борис.

Покрај редовната настава за учениците до четврто одделение, во првите години по ослободувањето, овде се одржувале и курсеви за описменување на возрасните. Интересни се сеќавањата на некогашните негови ученици: Олга Павичиќ, Стојанче Трајаноски, Драге Трајаноски, Димитрија Наумоски и Коле Апостолски. Тие ни соопштија дека во првите повоени години оценките биле со симболи и сликовито се прикажувале. Одличните добивале авион, добрите – брод, а лошите и повторувачите – желка!?!

Еве уште еден интересен “момент”.
По ослободувањето, во училиштето постоела “… позиција ученик – служител”. Тој во текот на еден месец, меѓу другото приготвувал (кувал – м. з.) млеко во прав и ги послужувал учениците. Млекото било американска хуманитарна донација, а ученикот – служител за својата работа бил месечно наградуван со тогашни 500 динари.

По стивнувањето на ученичкиот жагор, опусте и кнежинското училиште. Извесно време неговиот објект се користел како гласачко место за жителите со право на глас од селото Кнежино.

Денеска Основното училиште “Перо М. Петрески” ќе остане во старите записи и избледнетите фотографии, љубоморно чувани како сведок за едно време минато.

Знаејќи ја љубовта на кнежинчани кон родната грутка, потврдена со бројните реализирани активности во изминатиов период , прашање на време е денот кога на овој простор ќе осамне табла која ќе биде сведок за неговото постоење.

Некогашната стара училишна зграда, која повеќе ја нема, тоа и го заслужува, бидејќи во нејзините клупи своето образование го започнале голем број кнежинчани кои подоцна, во својот животен век,постигнале успеси.

Автор: Зоран Јованоски (Моите Страници)
Фото: Архива с. Кнежино.
1. Панорама на селото од 1966 г. Училиштето е во крајниот лев агол.
2. Училиштето зумирано од истата слика.

3. Панорама на селото од 1966 г. преработена во боја од Васе Апостолоски.


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.