“СТАРАТА” ТЕСНОЛИНЕЈКА СО НОВИ ГАЗДИ
Кајмакчалан, септември 1918 година.Пробиен е Македонскиот фронт. Сојузничките војски на Франција, Англија и Србија ги потиснале германските и бугарските сили кон север, заземајќи ги Битола, Прилеп и теснолинејката Градско – Битола.Во тој случај нивните противници морале да се повлечат кон Скопје и тоа по се’уште недозавршената теснолинејка. Отстапувајќи, германците ги минирале мостовите и ја уништувале штотуку изградената линија .
На разрушената теснолинејка нов газда е Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, кое ќе пристапи кон обнова и нејзина доградба.
Со работа се започнува по формирањето на градежните секции во 1919 година.За брза обнова во прв ред била заинтересирана војската и тоа пред се’ поради беспатието во западниот дел од Македонија,со цел за подобра комуникација од една и снабдувањето на трупите, кои се наоѓале во овој дел на Македонија,од друга страна.
Било планирано теснолинејката да биде изградена до Дебар, но се чини дека поради недостиг на шински материјал, оваа замисла не била реализирана.
Состојбите на теренот биле повеќе од лоши.Теснолинејката, градена од Германците и Бугарите била примитивно и набрзина направена.По станиците немало станични згради и згради за живеење. Малкуте објекти не биле обѕидани,а мостовите кои биле со дрвени столбови, при повлекувањето непријателот ги оштетил.
Почнала обновата и доградбата на оваа теснолинејка. Делниците биле пуштани етапно. На 25-ти март 1919 од Ханриево, или старото име на Ѓорче Петров, до Гостивар, во должина од 61,50 километри, потоа на 15-ти јули 1922 година Кичево – Охрид во должина од 82, 3 километри, па на 5-ти август од Подмоље, охридско до Ташмаруништа, струшко, со должина од 22, 4 километри и на крајот, на 26-ти јули 1923 година од Мала Станица (Скопје) до Ханриево (Ѓорче Петров), траса од 5,10 километри.
“…Во Ханриево Германците направиле голема работилница за ремонт на сите видови коли од оваа линија.Сите овие згради и постројките од нив биле минирани и тешко оштетени,па во 1920 година сите беа обновени.(Извор:”Историја на теснолинејката Скопје – Охрид – Подмолје – Струга-Ташмаруништа
1916-1966″, Тренко Стојановски, Скопје,2001 година, стр.24)
Истата година во Ханриево (Ѓорче Петров) биле изградени 114 станови за железничките семејства, кои, како што стои во “старите” записи биле неудобни за живеење . Исто така се наведува дека во тие куќи, по извршените доградби и натаму се живее.
Во записите, до кои дојдов,а кои се посветени на оваа, по многу нешта интересна пруга, дело на повеќе автори,во некои од нив прочитав дека на неа имало вкупно 201 зграда,48 мостови ,а на целата траса имало 46 станици.
Најповеќе или 19 имало на делницата Кичево -Охрид – Струга – Ташмаруништа.5 помалку,или 14 биле распоредени на делницата Гостивар – Кичево,8 на пругата Скопје – Тетово, додека најмалку или 5 станици имало на делницата Тетово – Гостивар.
Покрај тоа составен дел од оваа теснолинејка биле и ложилниците каде што се поправале локомотивите.Нивен главен ремонт и поправки, како и ремонт на сите видови коли за тесниот колосек,се изведувале во ложилницата во Ханриево ( Ѓорче Петров),а ложилници за поправки имало во Гостивар, Кичево и Охрид.
-Продолжува-
Зоран Јованоски