Да се памети. Да не се заборави: [vol.5]

КРВАВА ПРУГА

Пред создавањето на слободната територија во западниот дел на Македонија, со два слободни градови Кичево и Дебар,а и потоа, воените дејства не ја заобиколија теснолинејката, која оправдано го понесе името КРВАВА ПРУГА.
Во историските читанки е запишано дека во средината на мај 1943 година Кичевско – мавровскиот партизански одред ноќно време ги нападнал италијанските војници кои ја обезбедувале станицата Сретково и ги заробиле. Заробениците со вагонетка ги префрлиле на станицата Куново.

Партизани од истиот одред во јули 1943 година влегле во железничката станица Сливово, го демонтирале телефонот, зеле два товарни и еден патнички вагон,без локомотива се спуштиле до станицата Арбиново, каде што ја прекинале телефонската линија и го демонтирале телеграфскиот апарат.
На 6 и 7 септември истата година четите на споменатиот одред ,во соработка со железничарите и населението од селата покрај пругата, ја разурнале линијата од Подвис до Пресека.При тоа биле разурнати повеќе постојки,исечени близу 300 телефонски и телеграфски столбови,бил миниран мостот кај железничката станица Извор.

На 1 октомври 1943 година на железничката станица Буковиќ предстражата на слободната територија, младинската чета на политичкиот комесар, народниот херој на Македонија,Мирко Милески и на командирот Лазар Лазарески – Гоце, водела крвава нерамноправна борба против 3000 балисти и германски војници.Во борбата која траела цел ден Буковиќ се претворил во пекол.На вечна стража останале 35 млади “цветови”. Паднал Буковиќ.Паднало и Кичево.

Пет дена подоцна во близина на станицата Кленоец единиците на Втората оперативна зона на Народно ослободителната војска на Македонија воделе крвава борба со балистите, командувани од германски офицери.Во одбрана на слободната територија од Пресека до Ботун своите животи ги дадоа голем број борци,меѓу кои политичкиот комесар на Зоната, народниот херој на Македонија, Јосиф Јосифовски – Свештарот.
На 30 ноември и 1 декември 1943 година една минерска група од Првата македонско- косовска бригада го минира мостот на реката Сатеска,а на 3 мај 1944 година биле минирани мостовите на Сатеска и Песочанска река.
За одбележување е тоа што во историскиот, железнички, “билтен” е запишано дека од 6 мај 1944 година се’ до ослободувањето на Македонија, на делот од теснолинејката од Мешеишта до Пресека не поминал воз.Тој ден линијата била разурната од линиските работници, предводени од нивните раководители,а по наредба на штабот на Првата македонско- косовска бригада.

Во наредните три дена,7,8 и 9 мај,на железничката станица и пред теснината кај Ботун, единиците на бригадата воделе тешки борби со моторизираните единици од германскиот гарнизон од Струга,кој имал намера да ја заземе железничката линија, со цел да го осигура слободното извлекување на своите единици од Грција кон север.
Во овој “билтен” меѓу другото се забележани уште два поважни настани.Првиот датира од средината на декември 1944 година кога со моторни вагонети биле префрлени шинските полиња и другите делови од линијата Струга – Ташмаруништа, кои биле сокриени од железничарите во последните денови на окупацијата на Охрид, со цел да бидат употребени за време на обновата на линијата низ Дебарца и Кичевијата.
Вториот настан носи датум од 16 јануари 1945 година.Во него стои дека преку дрвените провизорни мостови на Вардар кај селото Сарај за прв пат по ослободувањето на Македонија во Скопје влезе малиот воз.
Но,овде не запираме,туку и натаму ќе го следиме животописот на теснолинејката и малиот воз кои зад себе оставија страници и страници.
Читајте не!

Зоран Јованоски


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.