Да се памети. Да не се заборави: [vol.6]

ШТРАЈКОТ НА ЖЕЛЕЗНИЧАРИТЕ

Во една од минатите “епизоди” подвлеков дека “…во март 1942 година,Тане Цалески,бравар во кичевската ложилница ја формирал илегалната партиска организација,која имала за задача да ги организира железничарите за борба против окупаторот.Во организацијата членувале и машиновозачите Живко Стојаноски,Никола Димитриески- Лаќа,Александар Новицки и ложачите Џавид Саитоски и Селим Бактијароски.

Во мај истата година Цалески во соработка со Месниот комитет од Кичево успеал со
Народноослободителното движење да ги поврзе сите железничари од Буковиќ до Ташмаруништа”.
Токму железничарите од оваа делница, утрото во 7 часот, на 15 октомври 1942 година го започнале штрајкот,при што од командантот за експлоатација на железничката линија во Кичево,инженер Џовани Одони, било барано исплаќање на заостанатите лични доходи и организирана исхрана.
За одбележување е тоа што машиновозачите не се јавиле на своите работни места, со што практично одбиле да ги возат локомотивите. Истото го сторил и возниот персонал кој требало да ги прими возовите на железничките станици. Од друга страна пак,возниот и машинскиот персонал,кој утрото се нашол на отворена пруга, ги напуштил возовите и пешки се вратил во своите домови.Тој ден персоналот за одржување на пругата воопшто не се појавил.

Со еден збор тој 15 октомври 1942 година пругата на потегот од железничката станица Буковиќ до Ташмаруништа била целосно парализирана.
Во податоците до кои дојдов, (Извор:”Историја на теснолинејката:Скопје -Охирд – Пидмолје -Струга-Ташмаруниште 1916-1966″,Тренко Стојановски, Скопје,2001 година),стои дека во штрајкот учествувале 450 железнички работници и службеници.
Во истиот извор се нагласува дека карабинерите ги затвориле членовите на железничарската ќелија од Ложилницата: Тане Цалески, Живко Стојаноски, Никола Димитриески – Лаќа, Александар Новицки и Џавид Саитоски.По тешки малтретирања тие биле изведени на стрелање, кое по интервенција на Италијанската железничка команда било одложено.

Овде треба да се подвлече дека командантот на експлоатацијата на теснолинејката инженерот Одони притиснат од фактот оти персоналот, особено оној машинскиот, немало кој да го замени,а приучените италијански железничари одбивале да ракуваат со малите локомотиви, морал да ги прифати барањата на штрајкувачите.На 22 октомври тие биле повикани да се јават на своите работни места и да ги примат неисплатените плати.

Овој штрајк не само што ја зголемил вербата на железничарите кон ослободителното движење ,туку го зголемил и расположението на широките народни маси за помасовно учество во борбата против окупаторите и нивните домашни слуги.
За ова сведочи и Спомен плочата од 11 октомври 1962 година,која до изградбата на кичевската железничка станица со нормален колосек, до укинувањето на теснолинејката во 1966 година, четири години секојдневно од зградата на кичевската Ложилница, потсетуваше на смелиот чин на железничарите од делницата на пругата од Буковиќ до струшко Ташмаруништа.

Нејзиното сведоштво и денес е присутно, не само преку овие редови,туку поради тоа што таа, спомен бистата на Тане Цалески, и малата локомотива и трите патнички вагони на популарниот “Ќиро”, катадневно го привлекуваат вниманието на минувачите на кичевската Железничка и автобуска станица.

Зоран Јованоски

Фото: Архива на Моите страници


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.