“ЌИРО” ПАРТИЗАНСКИ ВОЗ
Денес многумина сметаат дека кај нас, во Македонија, е речиси невозможно да се изгради пруга кон Охрид, не знаејќи дека таква линија веќе постоела пред нешто повеќе од еден век. Прв пат, трасата била завршена во 1918 година и била изградена за нешто помалку од две години.По втор пат целосно била обновена и изградена во периодот од 1919 до 1922 година и била во употреба дури до 15 мај 1966 година, кога теснолинејката била укината и запустена.
Но,сепак таа и натаму е присутна во спомените на генерации и генерации, особено кај народот од западниот дел од оваа,наша,Македонија.Присутна е бидејќи беше дел од неговото живеење скоро половина век.
Заедно,на својот грб ги изнесоа сите премрежја на Правата и Втората светска војна.
Најповеќе од записите,а до скоро и од живите спомени се однесуваат на теснолинејката во виорот на последната војна ,но и на повоениот период,бидејќи таа беше нераскинлив дел од сите настани.
Теснолинејката и народот во пролетта 1941 година беа повторно окупирани, но овој пат од Германците и нивните сојузници Бугарите, Италијаните и од домашните слуги балистите и црнокошулашите.
По поделбата на окупирана Македонија, железничката линија 0,60 метри од Сараќинци до Ташмаруништа, под своја управа ја презела италијанската дивизија “Фиренце”. Командантурата на целата должина на линијата со сите служби се наоѓала во Кичево.
Бугарскиот окупатор го добил делот од линијата од Скопје до пред Тетово,колосеците на железничките станици, вклучувајќи ја и Охридската и тамошната линија или вкупно 47 километри од теснолинејката.Тоа значи дека остатокот бил под контрола на Италијаните.
Тие го задржале затечениот железнички персонал-составен од Македонци,Срби,Албанци и други, но на раководните места доведувале италијански стручни и воени кадри.Имало практика, покрај домородечкиот шеф на станица,да се назначува и италијански.
Во Кичево Железничката командантура покрај командант на линијата,имала и своја административна и финансиска служба ,чија надлежност се простирала од станицата Сараќинци до Ташмаруништа. Покрај домородечкиот шеф на станицата Кичево Милан Крстиќ, бил поставен и Италијанецот Чезаре Канле.
Бидејќи пругата била од стратешко значење на окупаторите тие од железничарите барале редовно да ја одржуваат и сообраќајот на неа непречено да се одвива. Од друга страна пак знаејќи го тоа, Народноослободителното движење во своите планови и дало значајно место на нејзиното ослободување.
Како резултат на тоа судирите меѓу двете страни ќе бидат речиси катадневни и ќе траат до ослободувањето на овој дел од Македонија. Биле тоа години кога теснолинејката се напаѓала и се бранела.Преминувала таа од едни во други раце и на тој начин ја испишувала и својата историја.
Така, во делото на Тренко Стојановски “Историја на теснолинејката Скопје- Охрид- Подмолје- Ташмаруништа 1916 – 1966”, меѓу другото се подвлекува дека во март 1942 година,Тане Цалески,бравар во кичевската ложилница ја формирал илегалната партиска организација,која имала за задача да ги организира железничарите за борба против окупаторот.Во организацијата членувале и машиновозачите Живко Стојаноски,Никола Димитриески- Лаќа,Александар Новицки и ложачите Џавид Саитоски и Селим Бактијароски.
Во мај истата година Цалески во соработка со Месниот комитет од Кичево успеал со
Народноослободителното движење да ги поврзе сите железничари од Буковиќ до Ташмаруништа.
Во ноќта, спроти 28 октомври 1942 година карабинерите ги затвориле членовите на железничарската ќелија од Ложилницата:Т.Цалески, Ж. Стојаноски,Н.Димитриески – Лаќа,А.Новицки и Џ.Саитоски.По тешки малтретирања тие биле изведени на стрелање, кое по интервенција на Италијанската железничка команда било одложено.
Од ноември 1942 до пролетта 1943 година,во куќите на Ставре Дејаноски и Јонче Наумоски, линиски работници од село Кленоец ,илегално живеел народниот херој на Македонија, Мирко Милески.
Ова се само еден мал дел,во кој до израз доаѓа поврзаноста на железничарите и пругата од една и Народноослободителното движење од друга страна.
Осамнал 9 септември 1943 година,денот кога капитулирала Италија.Само по два дена,на 11 септември била создадена слободна територија со два слободни града, Кичево и Дебар,која се протегала од Буковиќ и Влајница,јужно од Гостивар, па се’ до теснината на селото Ботун-охридско.
Еве и неколку интересни податоци врзани за најавеното ослободување и неговото поврзување со теснолинејката. Имено, во податоците до кои дојдов меѓу другото стои дека на денот на ослободувањето должината на партизанската железница изнесувала 101 километар од кои близу 25 километри биле неспособни за сообраќај. Едновремено таа имала возен парк од 50 патнички и товарни коли и 11 локомотиви. За само четири дена и исто толку ноќи линските работници помогнати од населението ја поправиле оштетената пруга од Подвис до Пресека и на 15 септември првиот партизански воз поминал од Кичево до Ботун.
Интересен е и податокот во кој се вели дека на 26 септември 1943 година на Митингот во Кичево, првоослободениот град во Македонија, за три дена по теснолинејката бил извршен превоз на 20 илјаден народ од Дебарца и Кичевијата,од Ботун до Кичево во двата правци,при што биле ангажирани погоре споменатите 50 патнички и товарни вагони и 11 локомотиви. Инаку,се подвлекува дека на оваа пруга,на истата релација,во мирнодобски услови се вршел превоз на само 3,600 патници.
Но, тоа не е се’.Како што во оваа војна крвавел народот од овој дел од Македонија,така неговата крв ја натопувала и теснолинејката од Скопје до Ташмаруништа,бидејќи тие беа едно.
За тоа нешто повеќе во наредното продолжение.
Читајте не!
Зоран Јованоски