Кнежинските воденици

Сведоштва :

КНЕЖИНСКИТЕ ВОДЕНИЦИ

Најголеми “виновници” за оваа “приказна” се моите добри пријатели Сашо Божиноски и Станко Китаноски.
Првиот, иако неговите корени по таткова линија се од Прострање, во “малиот прст” има многу информации не само за природните убавини на Кичевијата, туку и многу повеќе од тоа и просто нема место каде што не стапнала неговата нога.
Вториот пак, чие што потекло е од Кнежино,со мене несебично ги сподели сите информации, тесно поврзани со оваа тема. Но, да тргнам по ред.
Неодамна Сашо ме информира дека во долот, кој се наоѓа од десната страна на патот кој води за село Кнежино, и кој кнежинчани го викаат “Кај воденицине”, пред повеќе години забележал повеќе воденичарски камења, целосно подготвени да одговорат на својата намена, но и такви кои не биле целосно обработени, и оти за добар дел од нив поседува и фотографии. Патем ми спомена дека имал сознание оти тука се наоѓале и кнежинските воденици.
Овие информации за мене беа “иницијална каписла” да се впуштам во потрага по неопходниот “материјал”.
Тоа подразбираше во “игра” да го вклучам и Станко, кој без збор се согласи да ја “сработи домашната задача” која јас му ја “зададов”. Набрзо тој не само што со мене ги сподели информациите до кои дошол, туку и ми воспостави контакт со одреден број негови повозрасни соселани, од кои имав и што да чујам.
Кога ги прибрав моите и информациите на Сашо и Станко, се одлучив “приказната “да ја раскажам.
Во Кнежино подолг временски период, поточно до пред нешто повеќе од седумдесетина години, егзистирале две воденици, кои за прв пат се појавиле во дамнешни времиња. Тие им припаѓале на семејствата Кипровци и Станишовци, а најпознати воденичари биле Ќипро и Костадин. Во нив се мелело брашно и добиточна храна не само за кнежинските семејства и нивниот добиток, туку и пошироко.


Кога сум кај водениците треба да подвлечам дека дел од нашта “домашна задача” беше да откриеме кои кнежинчани биле мајстори за изработка на воденичарските камења и од каде се користел материјалот за нив.
Ни беше речено дека материјалот потекнувал од самото место, односно од споменатиот дол, и оти мајсторите не биле кнежинчани?!? Патем скоро сите со кои контактиравме ни рекоа дека нивната изработка била во “поново” време.
Така, Дончо и Ефто по потекло биле од Горно Добреноец. Најпрво тие во родното село имале воденица, а по некое време Дончо отворил уште една и во кичевското село Староец.
Нашите соговорници ни рекоа дека тие не само што ги изработувале камењата за водениците во Кнежино и за своите во Горно Добреноец и Староец, туку по порачка изработувале воденичарски камења и за други, бидејќи биле мајстори на својот занает од една, а од друга страна пак кнежинскиот камен бил надалеку познат по својот квалитет.
Дека навистина е така потврдува и податокот што и ден денес во долот “Кај воденицине”под селото Кнежино,
можат да се видат неколку од нив и оти по изминати многу години сѐ уште му пркосат на времето.
Барајќи ја приказната за воденичарските камења од Кнежино, слушнавме уште една, би рекол, неочекувана, приказна,која ја знаат само постарите кнежинчани и оние кои го користеле нивниот несекојдневен производ, се разбира ако сѐ уште има некој жив. Сигурно се прашувате за што се работи? Ќе ви кажам.
Покрај воденица семејството на Станишовци во Кнежино имало и мразарница, од каде што се снабдувале кичевските слаткари и угостители, како за своите дуќани, така и за тезгите за време на вашарите кои се одржувале во тоа време.
Инаку во Кнежино ги чувме и преданијата за Марковата стапалка, која се наоѓа на истиот локалитет, но и за ѓаволите кои се “појавувале” во водениците.
И за едното и за другото предание во наредните мои писанија.

Зоран Јованоски

Фото: Сашо Божиноски
Архива с. Кнежино

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.