Да се памети. Да не се заборави: [vol.8]

“КАЧУВАЈТЕ СЕ! ПОАЃАМЕ!?!”

Ајде,заедно со мене, со збор да ја прошетаме трасата на теснолинејката, со колосек од 600 милиметри,по која до 15- иот ден од мај месец 1966 година, сообраќаше малиот воз “Ќиро”, кого уште го викаа: “Ќирчо”, “Чајникот”, “Пампурот”,”…” и кој уште за време на својот животен век не само што си обезбеди место во легендите,туку и самиот стана и остана да биде легенда.
“Качувајте се! Поаѓаме!?!” Да. “Тргнуваме на пат” од Скопје до струшко Ташмаруништа.Заедно ќе “поминеме” 255 километри.
Поаѓаме од Железничката станица Скопје,која поради нејзиниот минијатурен изглед неговите жители ја викале Мала станица.По изминати околу 7 километри со “Ќирчо” пристигнуваме на станицата Генерал Ханрис, односно Ханриево,а сега позната под името Ѓорче Петров.

Оттука малиот воз патува кон југозапад и поминувајќи многу станици во рамниот Полог и оставајќи го зад себе Тетово и тамошната станица и по изминати 61,50 километри пристигнува во Гостивар.”Ќирчо” другарува со рамнината до станицата Лакавица,од каде почнува да ги совладува височините на Буковиќ.Од Симница “Чајничето” минува низ тесни засеци и движејќи се кон југозапад го обиколува Буковиќ. Откако ќе ја помине станицата Сретково го продолжува патот кон исток и обиколувајќи го овој планински предел само неколку метри повисоко , имајќи го за свој “противник” најтешкиот дел од трасата кон Кичево,ги минува Тајмиште, Горна Ѓоновица и Зркле.
“Одиме” понатаму.Од станицата Буковиќ,од 1180 метри надморска височина, се спушта
“Пампурот” низ неговите падини и движејќи се кон исток преку станиците Букојчани,Бериково, Туин,Србица и Премка, доаѓа во Кичево.
Овде следува проверка на неговата “кондиција” и откако добро ќе се “нахрани и ќе ја изгасне жедта” го продолжува своето патешествие. Оставајќи ги зад себе Кичево и станицата Подвис “вовчето” пристигнува во Извор,а оттаму се искачува до Малкоец,од каде свртувајќи кон запад и само по изминат половина километар, го менува правецот кон север, минувајќи по југозападната страна до станиците Кленоец и Попоец од каде се искачува до станицата Пресека на надморска височина од 1086 метри.
Откако ќе го задоволи својот “апетит”,”Ќирчо” стрмоглаво се спушта по јужната страна на Голјак и преку станиците Свети Никола , Сливово,Арбиново, Издеглавје и Ново Село – Охридско, менувајќи го правецот час на исток, час на запад, преку станиците Ботун, Мешеиште, Требениште,стигнува во Подмолје.По изминати седум километри покрај брегот на Охридското езеро еве не во Охрид.
Ако сакате да “скокнете” до градот на браќата Миладиновци, Струга, тогаш тоа ќе го сторите преку Подмолје.Од градот на поезијата движејќи се кон северозапад добредојде ќе ви посакаат Враништа и Ташмаруништа.
Завршувајќи го ова зборовно патешествие по теснолинејката од Скопје до Ташмаруништа,ќе ви кажам дека на отворена пруга “возевме” со 20 километри на час,а на нагорнините некаде со половина,а некаде и помалку од тоа.Велат дека за да се стигне од Скопје до Охрид биле потребни 22 ,а од Гостивар до Кичево пак,12 часа.
(Извор:”Историја на теснолинејката Скопје -Охирд – Подмолје -Струга -Ташмаруништа 1916-1966,Тренко Стојановски,Скопје,2001)
– Продолжува-

Зоран Јованоски

Фото: МАРХ







© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.