Да се памети. Да не се заборави: [vol.9]

           А, МОЖЕШЕ....!!!?

  Чинам дека се' додека векот векува и светот светува, се' дотогаш над овие наши, македонски, простории ќе опстојува и споменот за  малиот воз,кој се движеше по колосек од 60 сантиметри и кој беше познат и под имињата: "Ќиро", "Чајникот", "Пампурот",...,бидејќи уште за време на својот "живот" стана легенда која се' уште живее.
   И по нешто повеќе од половина век откако веќе го нема "Ќиро", и денес се леат солзи, бидејќи цели краеви останаа без врски.Многумина го викаа мало вовче,но за жителите од селските и градските населби, каде што минуваше, ќе ви речат беше големо.И беше!
 И денеска, како и во сите изминати денови и години, пак минав крај овој  сведок на едно време,кога малото вовче беше единствената врска на луѓето од овој крај со светот.Иако и овој пат не проговоривме ниту еден збор, сепак си "кажавме многу", оти секој милиметар од  малата композиција, односно локомотивата и трите,дрвени, вагончиња,кои пред себе го "гледаат" Кичево ,е дел од неговата богата историја.
   Катадневно од него "слушам" дека превезувал војски и  разни материјални средства во двете светски војни.Превезувал "Ќиро" тони стока и илјадници патници од Скопје преку Кичево до струшко Ташмаруништа. 
Ги памети "Пампурчето" солзите ,но и револтот на оние на кои малиот воз им беше и дом и прозорец кон светот.Ги "памети" и зборовите:"Оставете ни ја линијата.Не ја корнете".
 Ги "памети" "Чајничето" тие 15 мај  и 25 јуни 1966 година, деновите на запирањето на сообраќајот и  почетокот на демонтирањето на теснолинејката.На првиот датум престана да се слуша писокот  на локомотивите од Гостивар до Кичево,Охрид,Подмолје и Струга, а  на вториот почна корнењето на  пругата од Буковиќ кон Гостивар и Кичево и од Пресека кон Кичево и Охрид.
Беа тоа денови кога со корнењето на праговите и шините, практично се корнеа и душите на железничарите и патниците, бидејќи, како што ќе остане запишано "...Линијата и возовите беа нивен живот", кој пред очите на сите неповторливо почна да се гаси.

Патнички воз со локомотива и четири вагони од типот “Бригадирка” со ознака ЈДЖ 99.4-104 сликан во реонот на с.Попоец, Кичево на надморска височина од околу 810 m.


Насекаде револт,негодување и солзи,а со нив молби и надеж дека сепак нема да се случи нивниот “Ќиро” да не биде нивен.И остана да биде,но за жал само во спомените и во “историските” читанки.А,таму за навек ќе останат врежани љубовта,тагата, борбите за слободно изгрејсонце,кавгите за место во малите вагони, испаѓањата на композициите и нивното враќање на шините, палавштините, кои си себе ги носи младоста и што уште не.
“Ќиро” престана физички да постои,но тој и натаму ќе живее, бидејќи е дел од колективната меморија на овој народ,легенда која се пренесува од колено на колено.
Сепак е жално,што и овој пат е “испуштен возот” и “Ќиро” не забревта како туристичка атракција во дел од градовите и регионите кои беа негов дом.А, можеше!Се разбира ако се имаше мудрост.Вака,…
– Продолжува-
Зоран Јованоски


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.