Пред Вас е второто продолжение од серијалот за кичевскиот талентиран самоук сликар реалист Мике Димитриески и неговото семејство кое со право го носи епитетот УМЕТНИЧКО. Ако се прашувате зошто, тогаш редовно следете го овој серијал и заедно ќе дојдеме до одговорот.
На самиот почеток ќе потсетам дека Мике Димитриески е роден во 1925 година во кичевското село Кнежино. Во штурите податоци за него стои дека во детските и дел од младешките години пасел овци по бистрините ограноци. Пасел овци, цртал и шарал по карпите, сецкал и длабел со ножето по стеблата или моделирал фигури од песокот и калта околу него.
Со ова тој практично го привлекол вниманието,прво на своите другарчиња но и на кнежинските учители. Тие го советувале татко му да го даде во училиште за применета уметност. Но и во овој случај се потврдило дека едно се желбите, а сосема друго можностите, па така и овој сон останал неостварен.
По ослободувањето талентот на сега веќе 20 годишното момче е откриен и потврден и во тогашната ЈНА. По отслужувањето на воениот рок му се дава материјална и морална поткрепа. Мике неколку години работел во Културно – уметничкото друштво “Нико Пусоски” и во кичевскиот историски музеј како декоратер по агитација и пропаганда, а потоа и во Керамичкиот комбинат како раководител на Погонот за уметничка керамика.
Кичевчани кои го познавале, а особено оние кои другарувале со него истакнуваа дека Мике своето слободно време го поминувал во сликање и вајање, а работел и со уметничка керамика, во својот дом во кичевската населба “Карпош”.
Мике Димитриески, во времето во кое живеел (починал во 1976 година – м. з. ) не бил познат само во Кичево и Кичевско и не само на просторите на тогашна Југославија, бидејќи неговите сликарски, вајарски и керамички дела и денес се наоѓаат во домовите на голем број наши иселеници во Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и во многу Европски земји. Според нецелосните податоци до кои дојдов во Кичево и Кичевско се наоѓаат дваесетина негови слики. Најголем дел, околу петнаесетина поседуваат општествени институции и работни колективи, а останатите се физички лица.
Трагајќи по неговиот животопис “патот” ме однесе до еден исечок од новинарски извештај од Кичево на српски јазик . На него стои дека е работен во август, но и покрај моите настојувања не успеав да ја дознам годината. Според тоа што на едно место се споменува изградбата на пругата со нормален колосек Гостивар – Кичево може да се претпостави дека станува збор за првата половина на шеесеттите години (пругата е предадена во употреба во 1969 година – м.з). Текстот е потпишан од Богдан Шеклер. Во еден негов дел Димитриески му вели на својот соговорник:”Пред петнаесет години не бев вработен и живеев од сликите. Моите слики, оние кои ги работев на млади години и од срце, ефтино ги продавав, по пет до седум илјади динари. Сега ќе бидам среќен да можам да ги вратам….Сега решив да го сликам Кичево, секој негов дел, огништата кои изчезнуваат. Се гради пругата Гостивар – Кичево и полесно ќе се патува со сликите и ќе има повеќе посетители “.
Во неколкуте новинарски извештаи, кои ми беа при рака, Димитриески постојано подвлекува дека покрај во Кичево неговите дела се наоѓаат во странство.
Еве што Димитриески за својата дејност му рекол на тогашниот кичевски дописник Стојмир Симјаноски: (новински исечок од домашната архива на семејството на уметникот од весникот “Нова Македонија” – м. з.) “Со сликарство се бавам уште како дете. Досега сум сликал само во слободното време. Прва поголема слика што ја изработив беше портретот на другарот Јосип Тито од 1952 година. Шест години подоцна отворив и прва самостојна изложба во Охрид,за која зедов и прва награда. Од 1963 година редовно изложувам свои слики во Скопје, а во 1967 година самостојно изложив триесетина експонати, главно слики и керамика во Скопскиот центар за култура. Бев добро примен од посетителите. Меѓутоа најголема афирмација моите слики доживеаја во Шведска. Таму бев неколку време и се запознав со неколкумина истакнати шведски сликари,кои беа фасцинирани од некои мои слики, посебно од оние со македонски фолклорни мотиви. Една моја слика “Македонка на вода” ја ценеа околу 650 до 700 илјади динари”.
Тој на новинарот ќе му посочи дека една друга негова слика ја ценеле многу повеќе. Која? За тоа и за други детали од животописот на Мике Димитриески и неговите потомци во наредното, 3-то, продолжение од серијалот ” УМЕТНИЧКО СЕМЕЈСТВО “.
До читање!
Зоран Јованоски
Фото: Од семејниот албум на Димитриески.
**Текстот е превземен од Моите Страници. Линк до објавата може да најдете ТУКА.