Mике Димитриески од Кнежино,сликар и вајар-аматер [3 дел]

“Една моја слика “Македонка на вода” ја ценеа околу 650 до 700 илјади динари”.Тој на новинарот ќе му посочи дека една друга негова слика,во Шведска ја ценеле повеќе”.

Со овие четири редови го завршив предходното Сведоштво посветено на Мике Димитриески и неговите потомци.

На дописникот од Кичево, Стојмир Симјаноски, тој ќе му открие дека се работело за копијата на Мона Лиза од Леонардо да Винчи, позната како Кичевска Мона Лиза, и оти во тоа му помогнал неговиот постар син Круме, кој имал завршено уметничко училиште, отсек сликарство. Последните зборови од предходната реченица практично потврдуваат дека во семејството на Мике Димитриески за ликовната уметност има и други таленти. За нив повеќе во наредните Сведоштва, а во ова, сега засега “ќе се простам” од доајенот Мике Димитриески.

Во продолжение, ќе се задржам на податоците со кои располагам, а кои се однесуваат на неговите изложби.

Веќе реков дека во 1958 година на изложбата во Охрид ја освоил првата награда. Од 1963 година редовно изложувал свои слики во Скопје, а во 1967 година самостојно изложил триесетина експонати, главно слики и керамика во Скопскиот центар за култура каде што бил добро прифатен од публиката.

Познато е дека неговите дела биле предмет на интерес и надвор од границите на сега веќе поранешна Југославија.Така надалеку по реномирани уметници во Шведска ќе му одадат отворено признание за сите, а особено за копијата на Давинчиевата Мона Лиза,за која ќе стане збор и во едно од наредните Сведоштва.

Предлагам да се вратиме на домашен кичевски, терен. Наредните редови ќе потврдат дека тука тој бил во центарот на вниманието особено по неговата смрт ( починал во 1976 година – м.з.)!!??

Сигурно се прашувате зошто (!!??) се чудам и се прашувам. Одговорот ќе го пронајдете во подолните редови од овој запис.

За тоа на располагање имам неколку новински исечоци, но за жал дел од нив не се целосни, бидејќи не се комплетно датумирани.

Така читаме : “Во Салонот на Работничкиот универзитет “Крсте Мисирков ” во Кичево е отворена ретроспективна изложба на платна на основоположникот на современото сликарство во кичевскиот крај Мике Димитриески. Изложбата е организирана од Работничкиот универзитет и Културно – просветната заедница од Кичево. Триесетте експонати на Димитриески претставуваат избор од неговото сликарско остварување, во кое доминираат градски мотиви на Кичево и пејзажи од околината. Изложбата ќе остане отворена до 8 мај. Т. О. “

Листам и читам:”Кичево, 18 мај 1991 година. Изложба по повод Дваесеттите средби “Курирче”, која ја отвори академскиот сликар Борко Лазевски”.

Отворајќи ја изложбата тој меѓу другото ќе рече:” Се вели “никогаш не е доцна” верно, но некогаш тоа доцна е и доста тажно. Тоа е случајот со нашиот денешен излагач Мике Димитриески, кој за жал веќе поодамна е починат… Неговите теми се разнообразни и главно се од светот што го опкружувал, пејзажи, ентериери, битови сцени, мотиви од стариот дел на Кичево, но слика и портрети…. Од изложените слики што ги гледаме овде може да се констатира дека Мике бил изразит ликовен талент. Во некои негови слики има приод каков што имаат само школовани сликари. Кога тие квалитети ќе ги постигне самоук сликар, каков што беше нашиот Мике, тогаш по мое мислење се работи за вистински талент, или како што на нашиот сликарски жаргон велиме за расен сликар… “.

Пред да проговориме за другите “актери” од ова кичевско, уметничко, семејство, чинам дека е добро овој денешен запис да го заокружам со реченото од кичевскиот пратеник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Аце Сајкоски од септемвриската изложба во Музејот “Западна Македонија во НОВ” во 1999 година. Сајкоски ќе рече :”Мике Димитриески создаде голем број уметнички дела кои треперат со целата своја личотија и ја шепотат приказната за својот творец. Неговата природна надареност своите чувства и желби, лесно и впечатливо да ги пренесува на хартија, платно и глина од него направи голем уметник… Кога малку повеќе ќе се навлезе во анализирањето на ликовното творештво на Мике Димитриески може да се констатира дека постојат два периода од неговиот уметнички развој. Првиот период е оној младешкиот преполн со разиграни бои и симболика, а потоа доаѓа вториот период кој изобилува со нескриени чувствува и меланхолија, каде што боите се мешаат со забележлив човеков замор и со носталгија по домашниот амбиент. Тој ја доживеа судбината каква што ја имаа многу негови предходници кои за макар малку интелект и визија се одделуваа од обичните народни маси. Тој не беше прифатен од кичевската самонаречена елита. А, толку многу навистина многу, му даде на својот град. Тој создаваше дела, кои тогашното општество, социјализмот, соодветно не ги вреднуваше. Уметникот започна да работи за својот гол опстанок. И конечно, обидот да го наслика системот во кој живееше не успеа, за него немаше место во уметниковата племенита душа. Затоа пак, за инает, од безбројните уметнички дела тој сам си подигна мермерен монумент, кој вечно ќе ги потсетува своите сограѓани дека тука, баш тука, некогаш живеел и творел уметникот Мике Димитриески…”

Токму серијалот Сведоштва на профилот Моите страници ја имаат таа, но и малку по проширена цел, да проговорат за ова кичевско уметничко семејство и да дадат одговор на прашањето дали и сегашните негови потомци го имаат неговиот уметнички ген.

До овој одговор ќе дојдеме онака како што е редот. Со ред.

Читајте не и натаму.

Зоран Јованоски

Фото: Од семејниот албум на Димитриески.

**Текстот е превземен од Моите Страници. Линк до објавата може да најдете ТУКА.


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.