“Синот (Круме – м.з.) од Мике Димитриески сега го заврши осумгодишното и веќе се запиша во средното уметничко училиште во Скопје. Тој нема да задоцни за упис на Академија и мирно да ги заврши “училиштата за сликари”, кои неговиот татко ги “полага” овде, во Кичево. Татковиот сон синот ќе го оствари”. Ова се завршните зборови на Богдан Шеклер, од неговиот августовски “рапорт” за Црногорски “Вјести”, реализиран во Кичево, во шеесетите години од 20 век.
Шеклер на Круме му го посветил насловот “Синот ќе го оствари татковиот сон”и завршните зборови од својот запис, откако предходно бил запознаен дека најстариот син на Мике не заостанувал по талент зад својот татко. Но, чинам дека е редно да продолжам со ред.
Круме Димитриески бил роден во 1952 година. Зад овој талентиран сликар, кој на најубав можен начин го потврди она познатото “Крушата под круша паѓа”, останаа неостварени многу соништа.
Тој кобен 09 јули 1971 година, кога животот му згасна крај водите на Треска, имаше само 19 години и диплома за завршено средно уметничко училиште, а во себе сонот да се запише на Академија. И ќе се запишеше.Но и овој пат уште еден сон остана неостварен.
Иако живееше само 19 Господови лета зад себе остави дела за почит.
Повеќе од сигурен сум дека постарите жители на Кичево се сеќаваат на муралиите (слики директно нацртани на ѕид – м.з.) со неколку јунаци од басните за деца во Детскиот диспанзер во кичевскиот Медицински центар, кој повеќе не постои, а со тоа не постојат и тие. Јас го чувам споменот за нив и добро знам дека не сум единствен. Додека постоиме, ќе постојат и тие и секако и нивниот автор.
Покрај нив во едно од минатите Сведоштва споменав дека тој му бил значајна подршка на својот татко Мике во изработката на копиите на Мона Лиза од Леонардо Да Винчи.
За жал во семејниот албум на Димитриески постојат само две негови слики, кои се нем сведок за неспорниот талент на Круме.А, имаше само 19 години!
Овие две негови слики, од семејниот албум, кои “ми ги отстапија неговата снаа Младица и внукот,кој го носи неговото име, Круме, на кои се насликани едно духовно светилиште и портрет на негов пријател се доволни сведители на неговата целосна ликовна умешност. Ако кон ова се додаде дека Круме во себе имал и талент кон применетата уметност, тогаш само можеме да претпоставиме дека неговата прерана смрт е голема загуба за светот на уметноста.
Се надевам, а и очекувам дека овие редови не ќе значат само навраќање во минатото, туку ќе останат во колективната меморија на кичевчани од која ќе се напојуваат идните генерации. Мике и неговите синови Круме и Драгољуб (кому ќе му го посветам наредното Сведоштво) тоа и го заслужуваат.
Како “десерт” на овие редови покрај фотографијата на Круме, најверојатно направена во едно од тогашните кичевски фотографски студија, ви ги нудам и “заедничката слика” на Кичевската Мона Лиза, портретот на веќе покојниот Круме и нивниот автор Мике Димитриески.
Другите две дела му припаѓаат на прерано починатиот Круме Димитриески, кому добрите познавачи на ликовната уметност му предвидувале успешна кариера. За жал имал поинаква судбина.
Зоран Јованоски
Фото: Од семејниот албум на Димитриески.
**Текстот е превземен од Моите Страници. Линк до објавата може да најдете ТУКА.