Кога се зборува за семејството на самоукиот, талентиран, ликовен уметник, кнежинчанецот Мике Димитриески (1925 – 1976 г.-м.з),а да не го споменам неговиот најмлад син Драгољуб – Љупче, би сторил голема неправда. А еве и зошто?!
Тој на 14 годишна возраст, односно во 1969 година… “за своите сликарски творби доби пофалница од Фондот за млади таленти при редакцијата на весникот “Борба”-Белград. Годинава (1970 г.- м.з.) ја освои втората награда на културно – уметничките смотри во Кичево…” (Извор: С. М. “Нова Македонија ” , недела, 26 јули 1970 година)
Имајќи ги покрај себе татко му Мике и братот Круме, а во себе и уметничкиот ген нему воопшто не му било тешко таа вродена “придобивка” успешно да ја преточи во ликовно и друг вид уметничко дело кое го свртува вниманието и на далеку попознати мајстори на ликовната уметност.
Според зборовите на неговата сопруга Младица, “… Љупче, покрај семејството и пријателите ги љубеше и ликовната уметност и риболовот”.
Ова го потврдуваат и неговите пријатели. Еден од нив е и Бобе Николоски, исто така наш сограѓанин, човек со изразит ликовен талент, (за него наскоро – м. з.) кој не само што го потврди погоре реченото, туку и тоа дека со Љупче имаат реализирано и неколку заеднички уметнички проекти.
Еден од нив е и изработката на 1450 керамички сувенири во форма на печурки, за потребите на Детската олимпијада “Кичево 2001”, односно држачи за дел од ученичкиот прибор за пишување.
Во домот на семејството Димитриески и по смртта на Драгољуб – Љупче, 2019-м.з.) “љубоморно” се чуваат повеќе калапи за изработка на одредени глинени уметнички дела, меѓу кои се вбројува и Водарката.
Сопругата на Љупче, Младица, во првите години од нивниот брачен живот била само посматрач на сѐ она што го работел сопругот за подоцна и самата да се вклучи во декорирањето на глинените дела.
Со својата скромност таа не сакаше тоа да го признае, но бидејќи нивниот добар пријател и соработник Бобе Николоски ми “одстапи” една фотографија на која погоре кажаното се потврдува.
“Нешто што останува засекогаш и ги чува спомените на саканите луѓе,дело на мојот кум Љупче” – ова се зборовите на Кристина Божиноска Секулоска, а се однесува за подареното дело “Берачките на памук”, кое е во прилог на овој запис.
Ѓорѓи Билески ќе рече :”.. и Љупче ја продолжи традицијата на татко му и брат му, но и тој на жалост си замина од овој свет пред 5 години – Бог да го прости, ми беше многу добар пријател и соработник во РЕК Осломеј..”
Дали со “заминувањето” на оној свет на
Драгољуб – Љупче згаснува ликовната уметност во семејството Димитриески?
Одговорот на ова прашање ќе го добиете во наредното шесто продолжение.
Читајте не.


Зоран Јованоски
**Текстот е превземен од Моите Страници. Линк до објавата може да најдете ТУКА.