Mике Димитриески од Кнежино,сликар и вајар-аматер [6 дел]

Мике Димитриески, главниот “виновник” за овој мини серијал и неговите синови Круме и Драгољуб – Љупче, мирно можат да почиваат во заедничката гробница во старите кичевски гробишта, бидејќи семејната традиција продолжува.

Постариот син на Драгољуб-Љупче, кој го носи името на својот чичко, Круме кој е роден во 1983 година повеќе срцето го трга кон електрониката иако е добар, каракатурист, што значи дека и во него тлее семејниот уметнички ген.

Неодамна кога го посетив домот на семејството Димитриески, во кичевски “Карпош”, бев пријатно изненаден од она што го видов. Пред да ви раскажам за што се работи морам да подвлечам дека не сум ликовен “аналитичар”, а уште помалку стручњак, но сепак се сметам себеси за лице кое знае да го разграничи убавото од неубавото и обратно.

Имено, уште за време на првата посета кога дојдов да побарам “дозвола” од Младица и Круме да пишувам за ова уметничко семејство ми беше речено дека помалиот син Игор, кој е роден две години по Круме, односно во 1985 година,и кој живее и работи во САД , поточно во главниот град на државата Масачусетс, Бостон, аматерски се занимава со ликовна уметност.

Бев љубопитен и од моите домаќини побарав да видам дел од неговиот “аматеризам” . Од виденото останав без текст бидејќи во неколкуте слики не само што немаше ниту А од аматеризам, бидејќи пред моите очи се редеа слики, кои не баре се изработени од рацете на некои познати светски сликари.

Кога ќе ги погледнете сликите кои се во прилог на овој запис верувам ќе се согласите со мене дека уметничката традиција на семејството Димитриески продолжува.

Ваквото тврдење го темелам на фактот дека гените претставуваат основна наследна единица. “Секој организам поседува по две копии од секој ген. Едната копија е наследена од мајката, додека другата од таткото.Кај луѓето, повеќето гени се исти, но мал дел (помалку од 1%) се нешто различни. Алелите се алтернативни форми на еден ист ген, со мали разлики во нивните низи на ДНК бази. Овие мали разлики придонесуваат за единствените (уникатни) одлики кај секоја единка*. (Извор:mk.wikipedia.org).

Завршувајќи го овој мини серијал посветен на уметничкото семејство на Мике Димитриески упатувам отворена благодарност до неговите членови и до сите оние кои на одреден начин помогнаа при прибирањето на дел од податоците за истото.

До читање!

Зоран Јованоски

**Текстот е превземен од Моите Страници. Линк до објавата може да најдете ТУКА.


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.