Овој пат Моите страници ќе “проговорат” за уште една кичевска легенда и неговите потомци , која благодарение на она што го остави зад себе од една и од респектот кој за него го имаат одредени негови сограѓани, се’ уште не го покрила плаштот на заборавот.
Станува збор за Мике Димитриески, сликар и вајар, аматер за кого академскиот сликар Борко Лазевски, на 18 мај 1991 година на отворањето на изложбата по повод Дваесеттите средби “Курирче” ќе рече дека бил изразит ликовен талент и расен сликар.
Инаку за редовите посветени на овој самоук мајстор на кистот, четчето, колоритните бои, статуите,… “виновен” е мојот поранешен директор, главен и одговорен уредник и колега, од брановите на Радио Кичево, Аце Сајкоски, кој отстапувајќи ми го говорот на Лазевски, едноставно знаеше дека и овој пат успешно ќе ја завршам и оваа “домашна задача”. Да бидам искрен. Побарав помош од неговата снаа Младица и од внукот Круме, сопруга и син од неговиот втор син Драгољуб, познат во Кичево како Љупче, исто така надарен за уметноста, за кого во едно наредно Сведоштво ќе стане збор, како и за неговиот постар талентиран брат, Круме и за …, за што искрено им благодарам. Дали ќе успеам во тоа?
Одговорот ви го оставам , а јас сега за сега само ќе речам дека Мике Димитриески е роден во 1925 година во кичевското село Кнежино. Во штурите податоци за него стои дека во детските и дел од младешките години пасел овци по бистрините ограноци. Пасел овци, цртал и шарал по карпите, сецкал и длабел со ножето по стеблата или моделирал фигури од песокот и калта околу него. Со ваквиот негов “творечки опус” тој практично на дело ја искажувал неговата голема љубов кон ликовното креирање.
Како што стои во насловот ова е првата “епизода” од записите посветени на талентираното сликарско семејство Димитриески, што значи дека во наредните ќе донесеме многу повеќе информации.
Затоа и натаму листајте ги Моите страници, а во оваа “епизода” како шлаг на торта ви нудам две фотографии од семејниот албум. Станува збор за две дела на Мике Димитриески.
Читајте не!
Зоран Јованоски
Фото: Од семејниот албум на Димитриески.
**Текстот е превземен од Моите Страници. Линк до објавата може да најдете ТУКА.