По некое непишано правило, најчесто за водениците се “врзувале” и приказните за ѓаволите и самовилите. Во нив воденичарите се главната мета. Една таква приказна се раскажува за дедо Ќипро од Кичевското село Кнежино.
Таа гласи: “Откако ќе завршеле жетвените и работите околу вршењето на житото, воденичарите имале полни раце работа, а ритамот на воденичките камења се слушал до доцна во ноќта. Поради тоа воденичарите останувале да ноќеваат во водениците. Како што правеле сите, така правел и дедо Ќипро.
Една вечер во неговата воденица дошол неканет гостин – ѓаволот.
Тој му рекол на старецот дека многу сакал да игра, но знаел само едно оро, па го замолил Ќипрота да му покаже неколку ора за да научи.
На дедо Ќипро му станало сомнително ѓаволовото инсистирање, ората да ги игра околу огнот. Ќипро бил повеќе од сигурен дека тој сака да го турне во огнот за да му ја земе воденицата и оти мора да биде внимателен и снаодлив. И така. Дедо Ќипро играл и секогаш кога требало да дојде пред ѓаволот тој го забрзувал играњето, па овој не можел да го дофати и да го турне во огнот.
Кога дедо Ќипро се изморил од играњето, му рекол на ѓаволот дека му ги покажал сите ора што ги знаел и го замолил да му го покаже орото кое тој го знаел за да го научи. Ѓаволот сакајќи да се направи важен, се согласил и почнал да игра. Во моментот кога играјќи дошол пред Ќипрота, овој го дофатил и го фрлил во огнот.
Така дедо Ќипро излегол поербап од ѓаволот”. Во Кнежино, во непосредна близина, на местото каде што биле водениците се наоѓа и една карпа, која жителите ја викаат Маркова нога.
Ми ја раскажаа и приказната за неа,која друг пат ќе ви ја раскажам.
До читање!
Автор: Зоран Јованоски (Моите Страници).
Фото: Википедија.