“ЌИРО” ВО ПЕНЗИЈА
Во животописот на пругата Скопје -Ташмаруништа меѓу другото е забележано дека за време на двете светски војни теснолинејката имала големо економско, социјално и културно значење.
Теснолинејката своето место и улога целосно ги потврдува за време на четиригодишната народноослободителната борба. Таа имаше големо значење и по ослободувањето.Зад неа се нанижани 47 години работен стаж.Таа и нејзиното чедо,”Ќиро” безмалку половина век на својот грб јуначки носеа тежок товар. Дојде време на нови комуникации,а со тоа се наметнува и размислувањето за нивно “пензионирање”.И така би!
Ќе остане запишано дека зад секој нејзин километар,зад секоја локомотива,зад секој вагон и зад секој нејзин железничар,чии што број,рака на срце,е зачудувачки голем,стои испишана богата, повеќегодишна историја.
По разгледувањето на референдумот за укинување на теснолинејката, одржан на 12 април 1966 година,е донесена предлог -одлука малиот воз да престане со работа на 15 мај 1966 година, бидејќи 52,5 отсто од железничарите, или само 2,5 отсто повеќе, се изјасниле за нејзино укинување.
Едновремено со нејзиното укинување згасна радоста и ја снема насмевката од лицата на железничарите, бидејќи од теснолинејката ги издржуваа своите семејства.Со нејзиното запирање запре радоста и расположението и кај населението оти таа беше дел од неговиот живот.
И по безмалку 57 години од нивното “пензионирање” населението од овој дел на Македонија се’ уште ги чува спомените за нив, бидејќи малиот воз и теснолинејката половина век беа нераскинлив дел од неговата живеачка .
Проектот на Кнежино.мк и Моите страници,кој го “затвораме” со овој запис, имаше за цел да ви презентира малку познати податоци од нивниот живопис, со што практично ќе ги збогатиме Вашите спомени за теснолинејката и за малиот воз “Ќиро”.
Наместо крај уште и ова.Ако во иднина дојдаме до интересни податоци, тесно поврзани со теснолинејката и возот “Ќиро”, истите ќе бидат споделени со Вас . Затоа и натаму бидете дел од овие страници.
Зоран Јованоски