
Да се памети.
Да не се заборави: 2
КИЛОГРАМ ПЧЕНКАРЕН ЛЕБ
И ДВЕ СУВИ СЛИВИ НА ДЕН
Единствена цел за градење на теснолинејката Скопје-Тетово- Гостивар-Кичево-Охрид-
Подмолје – Струга – Ташмаруништа,за што е платен висок цех, била потребата за префрлање на воени снаги и материјал за западниот дел од Македонскиот фронт.Ако притоа се подвлече дека за нејзиното градење на маса биле изнесени многу комбинации,тогаш таа од самиот старт се вбројувала меѓу ретките железнички линии.
На ваквата констатација упатуваат податоците во кои стои дека првото трасирање датира од периодот пред Балканските војни,односно за време на султанот Абдул Хамид Втори,кој владеел со Турција од 31 август 1876 до 27 април 1909 година.Трасирањето му било доверено на германско претпријатие.Но, се’ останало само на хартија.
Склучениот договор од 4 февруари 1914 година меѓу српските железнички власти и германската фирма “Јулис Бергер” од Берлин,со кој требало да се изврши проучување и проектирање на линијата Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево – Охрид – Битола,е вториот обид. Причината што истиот не бил реализиран лежи во воените дејствија кои беснееле на овој дел од Балканот.


Сепак,како што е познато изградбата на теснолинејката од Скопје до Ташмаруништа почнала во летото 1916 година. Имајќи ја во вид важноста и потребата од неа Германците и нивните сојузници Бугарите пристапиле кон нејзино брзо градење.Работите на делот од Ханриево, односно од сегашно Ѓорче Петров до Гостивар се одвивале без поголеми тешкотии.Тие со сета своја сериозност се “истопориле” кога градилиштето стигнало “пред портите” на Буковиќ.
Ќе остане забележано дека “…по ограноците на Буковиќ и на падините на овој масив се нашле илјадници луѓе,во искинати војнички униформи и полуголи воени заробеници,(најповеќе Срби и Грци-м.з.) потоа Македонци и многу други од овие краишта.Ја сечеле шумата,го расчистувале теренот… Германските и бугарските војници под оружје се шетале меѓу заробениците и внимавале ниеден од нив да не заостанува во работата… Кулучарите,работниците од населението, како и воените заробеници – градители на оваа линија ,добивале по еден килограм пченкарен леб и по две суви сливи на ден …”(Извор: “Историја на теснолинејката Скопје – Охрид – Подмолје – Струга-Ташмаруништа 1916 – 1966”,Тренко Стојановски,
Скопје,2001 година)
Со секој изминат ден работата напредувала,а со тоа и времето. Со зимата страдањата биле пеколни.Заробениците спиеле под ведро небо.На Буковиќ и Пресека, напати имало високи снежни наноси.Поради слабата и лоша исхрана,заробениците јаделе трева,а преку зимата ја јаделе срцевината од корењата и од стеблата на трњето и другата вегетација.Како резултат на нехигиената,лошата исхрана, немањето облека, покрив над главата,гладта и студот, катадневно црвениот тифус и другите епидемии го “наплаќале” својот данок.
Немоќни да и застанат на пат на епидемијата германските и бугарските освојувачи ,на заробениците им наредиле да прават сламени колиби и во нив да ги сместуваат болните.
“…Обично ноќно време ги полевале со бензин и за неполн час,колибите заедно со болните, со страшни страдања и офкања, се претвориле во пепел.Почесто не сакале да губат време ни за овој начин на спалување и затоа болните заробеници во агонија ги закопувале уште живи крај трасата на линијата…” (Изворот е наведен погоре -м.з.)
Од сето ова единствениот заклучок е дека во тоа време за германските и бугарските сојузници и освојувачи животот на градителите немал никаква вредност.Важно било да се гради брзо и по секоја цена да се стигне до линијата на Македонскиот фронт.
Ова е само еден мал дел од страдањата на нејзините градители,чии коски и гробови останале расеани од двете страни крај изградената траса на линијата,која во летото 1918 година стасала до селото Арбиново -Охридско.
– Продолжува-
Зоран Јованоски