Да се памети. Да не се заборави: [vol.1]

ЛЕГЕНДАТА ЖИВЕЕ

” Малиот воз”, “пампурот”, “чајникот”, “Ќирчо”. Сеедно. Како и да се именува, Тој е нераскинлив дел од оваа Земја и од овој народ. Дел од Македонската пред и повоена историја. Да. Тој, не само што е и дел од едно време минато, туку е и легенда која живее. Живее, сега, а ќе живее и натаму, бидејќи” приказните” за него и за случувањата, кои се тесно поврзани со него, се пренесуваат од колено на колено и од генерација на генерација.Тие “приказни” секогаш се “нови” и секогаш се слушаат со особено задоволство, со големо внимание и со уште поголема љубопитност.
Дека навистина е така потврдува и “проектот”на порталот knezino.mk и профилот Моите страници со работен наслов:”Да се памети.Да не се заборави”.
Написите од овој серијал, светлината на денот прво ќе ја видат на порталот knezino.mk. а потоа онаму каде што се создаваат, односно на “Моите страници”.
Така е бидејќи луѓето од кнежинската “влада” беа иницијатори да се проговори за теснолинејката и нејзиното “чедо” малиот воз “Ќиро” и се’ што е поврзано со нив.

За дел од нив и порано е пишувано. Сега на вашиот очиглед го ставаме и овој серијал.Во него ќе се обидеме на површина да изнесеме што е можно повеќе информации кои досега се малку познати.
Токму во пресрет на денот, 15 јули, кога ќе се навршат 101 година од денот кога парното вовче “Ќирчо” ги превезе првите патници од некогашното Ханриево, односно од денешната скопска населба “Ѓорче Петров” до Охрид, по 60 сантиметри широкиот колосек,е добра прилика уште еднаш да проговориме за неговото “Височество”.
Инаку, според пишаните документи првата железничка линија Солун – Скопје – Митровица, со вкупна должина од 243 километри, била пуштена во употреба во август 1873 година, или 49 години пред линијата по која се движел “Ќирчо”.
Читајќи ги записите дознаваме дека неговата “приказна” започнува со трасирањето на теснолинејката, односно на колосекот со широчина од 60 сантиметри, од Скопје до Охрид, во Балканските војни од 1912 и 1913 година од Србија, во Првата светска војна од 1916 до 1918 година од Германија и Бугарија, а по оваа војна е завршена од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Како што се трасирале делниците, така и се пуштале во употреба. Податоците велат дека првата делница била предадена во употреба на 25 март 1919 година од Ханриево, односно од денешната скопска населба “Ѓорче Петров” до Гостивар, потоа на 15 јули 1922 година делницата Кичево – Охрид, па на 5 август од охридско Подмоље до струшко Ташмаруниште и на крајот на 26 јули 1923 година најкусата делница од Мала станица до “Ѓорче Петров” во Скопје. Истите податоци укажуваат и на тоа дека во 1916 година почнала изградбата и на кракот од Ханриево до рудниците во Радуша.Инаку, вкупната должина на теснолинејката од Скопје до Ташмаруниште изнесувала нешто повеќе од 255 километри.Оваа пруга, која, во едно сега веќе време минато, испиша страници и страници со разни човечки судбини, но и страници од постоењето и опстојувањето на Македонија, беше дел од нејзината пред и повоена историја до 15 мај 1966 година.
Гледајќи го, секојдневно, вовчето “Ќирчо”, “чајникот” или “пампурот”, кој горделиво се “топори” на зелениот појас под самата железничка станица, на почетокот од главната кичевска улица, повеќе од сигурен сум дека секој што ќе го види, си го поставува прашањето: “Какво било патувањето со него “?
Повозрасните жители велат дека вовчето, со својот мотор на пареа, се движело со брзина не поголема од 15 километри на час. Едновремено тие подвлекуваат дека за да стигне од Гостивар до Кичево му биле потребни 12,а до Охрид нешто повеќе од 19 часови, а по некогаш и по два дена, се разбира доколку за време на патувањето некој од вагоните, самата локомотива или целата композиција не испаднела од шините. Во тие случаи немало друго чаре, освен патниците, заедно со машиновозачот, ложачот, возовдачот, кондуктерот и двајцата кочничари, со помош на рачни дигалка, односно лостови, да го вратат на шините и да го продолжат патувањето.
Брефтал “Ќирчо” на секоја поголема угорница. Често пати патниците слегувале и по покуси патчиња, пеш, стигнувале пред него. За време на патувањето некои си дозволувале и мали авантури. Имено, напуштајќи го вовчето, кое се “борело” со угорниците, тие знаеле да влезат во некој овоштарник, градина или нива, се разбира за кој период од годината да станува збор, и да наберат јаболка, круши, сливи, лубеници, краставици или пченка, малку да потрчаат и пак да се качат. Други пак да го пречекаат во наредното населено место, разладувајќи се со понекое пиво во селската продавница. Тоа важело само на угорниците, бидејќи надолу “Ќирчо” “летал” како да е на струја. Оние кои имале можност макар еднаш да патувале со него, велат дека тоа патување никогаш нема да го заборават.

И денеска стои оваа жива легенда на железничките станици во “Ѓорче Петров” и Кичево , а и една локомотива во Белград, соседна Србија, пред зградата на ЦИП, и со својот необичен изглед за ова ново време, го привлекуваат вниманието на љубопитните, кои најчесто се фотографираат со нив.
На локомотивата во Кичево,на која се прикачени и три вагончиња, стои натпис дека таа е произведена во фабриката “Хеншел”, во градот Касел, во Германија, во далечната 1917 година. Тоа значи дека таа годинава го “прославува” својот 106 роденден. Податок за голем респект.
Инаку,со малку подобро изострен слух и со малку вложување овој споменик на едно време минато, оваа жива легенда, можеше досега, а може и отсега да биде главна туристичка атракција. Може! Ама …

Зоран Јованоски


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.