СВЕДОШТВА: МИРМИРАНОТ ИМАЛ 18 СЕЛА И 2 МЕЗРИ

Во 1467 – 1468 година, хасот, односно феудалниот посед на мирмиранот (главен управител на област -м.з.)во вилаетот, како дел од тогашната Кичевска нахија располагал со 18 села и 2 мезри (нива, поле или обработливо земјиште што се наоѓа во близина на некое село, обработувано од населението на тоа село или пак разурнато или напуштено село – м.з.).
Покрај тоа на овој посед вкупно живееле 262 семејства, од кои 261 христијанско и 1 муслиманско. Во овој број биле сметани и 20 неженети лица и 9 вдовици.
Според бројот на семејствата, сметајќи ги тука и неженетите и вдовиците, најбројни биле селата Бачишта со 37,Кнежино со 2 помалку, Кошарани со 28,Ериновци со 23,С’лп 22 (овие три села денес не постојат – м.з.) и едно семејство помалку во Лазаровци.
Од друга страна, пак, 13 семејства биле пребројани во Лахчани, т.е. во Лавчани,по едно семејство помалку во селото Пополжани и Доленци , по 11 семејства во Подрижда, односно денешно Подвис и Павли Дол (денес не постои – м.з.), а едно семејство помалку или 10 во Кладник. Во останатите села бројот на семејствата биле под овој број.
Најмалку семејства и тоа 2 се забележани во селото Миркос, едно повеќе во селото Дрмник и двете во близина на денешното село Кнежино, кои денес не постојат, како и во селото Грешница,каде што било регистрирано и единственото исламизирано семејство. Царските луѓе пребројале по 5 семејства во Цер и Дреново, кое денес не постои, како и 9 во Видрани.
Во пописниот дефтер, кој се однесува за споменатиот период, 1467-1468 година, во овие села најмногу неженети лица, 3, биле евидентирани во селото Бачишта, по 2 во Кошарани, Доленци, Пополжани, Ериновци, Кнежино, Лазаровци и С’лп. По едно неженето лице биле регистрирани во селата Павли Дол, Кладник и Лавчани. Од друга страна пак 3 вдовици биле пребројани во селото Ериновци, 2 во Бачишта и по една вдовица во селата Кошарани, Дреново, Подвис и Видрани.
Инаку вкупниот приход, кој селата годишно му го давале на феудалниот господар изнесувал 21.431 акчиња. Најголем приход бил евидентиран во селото Бачишта во висина од 3.897 акчиња. Помали приходи се регистрирани во Кошарани-2.705, Кнежино – 1.945,Ериновци – 1.888,С’лп-1.805, Лавчани – 1.300, додека пак најмал приход е забележанво
Миркос во износ од 220 акчиња.

Автор: Зоран Јованоски (Моите Страници)


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.