Колку што човек подлабоко навлегува во документите за македонското минато на овие, кичевски, простори, документи кои се резултат на пописите реализирани од страна на тогашната Османлиска империја, на површина излегуваат “работи”, кои едноставно го тераат да се обиде да помогне непознатото да стане познато,и се соочува со големи тешкотии, од причина што сето тоа не е едноставно и лесно, бидејќи станува збор за голема временска дистанца. За тоа говорат и редовите пред Вас.
Во книгата “Турски документи за историјата на македонскиот народ, Опширен пописен дефтер за Скопскиот санџак од 1568-69 година” ,издание на Архивот на Македонија, редакторите под бројот 115 во тогашната Кичевска нахија го забележале селото Храштица.
Во прво време помислив дека станува збор за кичевското село Раштани, односно за поречкото селото Растеш, кои исто така биле дел од Нахијата.
Велат, едно е да мислиш, а друго е да видиш. Знаејќи го тоа, со проверката утврдив дека во споменатата година селото Раштани било регистрирано како Храштани и Растеш како Храштеш, што значи во “таа грмушка не лежи зајакот”. И тука е сѐ во ред!?!
Во ред е и тоа што редакторите на ова издание во фуснотата ќе забележат :”Храштица или Храштанец, изчезнато село, кое веројатно треба да се поврзе со пасиштето Раштанец…”. Но, нешто друго не е во ред.
Имено ако, како што е наведено во дефтерот, во Храштица, односно Храштанец биле пребројани 21 семејство и дури 25 неженети,што според математиката дава бројка од околу 130 жители, се разбира ако притоа сметаме дека во просек секое семејство било составено од по 5 члена, а притоа се наведени и имињата на “главите ” на родовите, тогаш зачудува податокот што во дефтерот од 1467-1468 година ова село не фигурира,што не е случај со селата Храштани и Храштеш.
Дали царските луѓе не го посетиле селото? Дали Храштица, односно Храштанец било формирано во годините меѓу едниот и другиот попис, односно во 1481 и 1545 година ? Дали… До кога овде живот се живеел?Каква била неговата судбина? Каква била…? Се само дел од прашањата кои чекаат одговор.
Претпоставката дека на овој простор можно е неговото постоење, не го поврзувам само со месноста Раштанец,која во своите “прегратки” љубоморно ја чува македонската планинска убавица Бистра, месност која според своите карактеристики говори токму во прилог на тоа, туку и со податоците во кои стои дека во неговата поблиска и подалечна околина во тој период егзистирале повеќе села, кои сега му припаѓаат на минатото. Тука биле Фрлогоец, Студено, Петро село, Дреново, Дрмник, Ранци,..
Ќе речете, уште една претпоставка. Се согласувам. Но, ако се појде од онаа народната за чадот и пламенот, тогаш логиката упатува на тоа дека “границата” меѓу претпоставката и реалноста е иста како и онаа меѓу легендите и вистината, кои ги дели само времето. Од друга страна пак и логиката е дел од науката. Нели?
Но, ако сакаме и од оваа “приказна” да ја тргнеме секоја претпоставка, тогаш “ракавите” треба да ги засучат оние кои за тоа се платени. Во спротивно и натаму резултатот ќе биде ист како и во овој, но и во други случаи пред него.
Зоран Јованоски
Фото: Сашо Божиноски
Преземено од Моите страници на авторот Зоран Јованоски