Меморијал САШО БОЖИНОСКИ-ШЕ 2021

“Собата” ↪ “ОДАЈА НА ВЕЧНОСТА”

Денес од Кичево до месноста “Кадроец” во атарот на с.Кнежино и во близина на манастирските ливади, беше одржан првиот планинарски меморијал во спомен и чест на прерано починатиот претседател на Планинарско-спортско друштво “БИСТРА” од Кичево Сашо Божиноски-Ше, при што на месноста “Кадроец” беше откриена спомен плоча во негова спомен и чест.

Спомен плочата беше поставена на платото,т.е. местото кое планинарите,а и самиот Сашо,првично го нарекуваа “Собата”,но од сега натаму за нашите планинари истото е “Одаја на вечноста”.
Пригоден говор на откривањето на спомен плочата одржаа новинарот на Радио Кичево, писател, публицист и секретар на ПСД “Бистра”, Зоран Јованоски долгогодишен пријател на Сашо,како и Станко Китаноски,претседател на Советот на МЗ с.Кнежино.

Спомен плочата на лице место ја открија Стефан Божиноски,син на Сашо и Кочо Кочоски,долгогодишен член и актвист на ПСД”Бистра”од Кичево.
Во иднина се очекува овој планински меморијал да стане традиционален и помасовен со учество и на други планинарски друштва од Македонија и пошироко.

Интегрален говор на Зоран Јованоски.

Драги пријатели,

     Еве не овде, на овој простор кој, ние членовите на Планинарско - спелолошкото друштво Бистра "со години го викавме" Собана" и кој од денеска е "Одаја на вечноста" и кој од денес му го посветуваме на нашиот Сашо Божиновски - Ше, човекот кој од 6 април 1996, па сѐ до 8 декември 2020 година беше на чело на нашето друштво, на човекот кој е еден од возобновителите на планинарството и еден од зачетниците на спелеологијата на овие наши, кичевски простори.
   Ве молам да му ја оддадеме нашата должна почит,но не со молчење, туку со громогласен аплауз. Нека одекне тој наместо неговите чекори, кои го носеа по патеките  и пештерите, кои Сашо ги откриваше, трасираше и по кои чекореше и влегуваше. 
    Да му е вечна слава .
Драги Ше. Секогаш ќе бидеш со нас.Ова не се празни зборови. И ти тоа го знаеш. Го знаеме и ние. Знаеме дека кога ќе се измориме ти ќе ни ги "дадеш" твоите чекори,како што ни го "даде" и твоето големо срце. Со нив ќе стигнеме таму каде што сме наумиле.
   Ти беше и остана да бидеш Голем човек. Токму затоа и овој
 простор ,оваа "Одаја на вечноста" , ќе биде наше, планинарско, светилиште. 
   Почивај во мир и да ти е лесна земјата, Македонска, која неизмерно ја сакаше и  која за навек ќе го чува твојот дух, како над земјата, по безбројните патеки по кои чекореше, по кичевските и македонските планини, така и под земјата, во кичевските и македонските пештери во кои и таму те имаше и ќе те има. 
       Да ти е вечна слава.
Драги пријатели Ви благодарам што бевте дел од овој прв меморијален марш, посветен на Сашо Божиновски. Се надевам дека наредната година на овој меморијал со нас ќе бидат и нашите пријатели од повеќе наши, македонски, друштва и други пријатели, кои беа и пријатели на Сашо и кои денес не се овде, поради пандемијата.
     И за крај зошто почетокот на овој меморијал е на последниот викенд од мај?Одговори има повеќе. Јас ќе се задржам само на оние кои имаат симболика. 
    Мај е месец кога природата е целосно разбудена, исто онака како што Сашо заедно со нас, неговите истомисленици,  ги разбуди планинарството и спелеогијата на овие простори. 
 Неодамна листајќи ја  тетратката на активности на ПСД Бистра, во очи ми падна дека во првите години, најбројните активности се реализирани токму во мај месец. Токму затоа не случајно и овој меморијал го ставаме во календарот на мајските активности, со надеж дека ќе го продолжиме ваквиот континуитет. 
    Драги пријатели, да сте ми живи и здрави и чувајте се. Чувајте го и споменот за Сашо Божиновски и посетувајте ја оваа "Одаја на вечноста" , со што ќе придонесете Сашо да стане наша вечност. 
      Довидување до следното наше видување, овде или на други места од нашиот македонски, планински бескрај.

© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.