СВЕДОШТВА: ДАНОК НА “ПОНОС”

Откако знам за себе непознатото било мој предизвик. Секогаш кога непознатото ќе се “истопорило” пред мене секогаш сум се “нурнувал” со цел од тие “длабочини” на светлината на денот да изнесам, колку што е можно, повеќе детали како за себе, така и за другите, кои тоа го сакаат. Овој мој “апетит” и ден денес е дел од моето битисување.
Така беше и неодамна. Во делот на Опширниот пописен дефтер број 4 (1467-1468 година) насловен како “Хасови на мирмиранот во Кичевскиот вилает” моето внимание го привлече Данокот на “понос”!?!Но,пред да “проговорам” за него, сметам дека овде е вистинското место да објаснам и други помалку или повеќе непознати “детали”.
Па, така ќе кажам дека под поимот “хас “се подразбира земјишен имот во Османлиското царство со годишен приход од 100 000 акчиња. “Мирмиранот” бил главен управител на област, а додека пак “вилает” претставувал административна територијална единица во чии состав влегувале повеќе општини. Така во состав на хасот на мирмиранот во Кичевскиот вилает, биле евидентирани 18 села и две мезри.
Тие на феудалниот господар меѓу другото му плаќале и данок на “понос”. Ми требаше многу време да отгатнам за што станува збор. И овој пат упорноста вроди со плод.
Под овој поим се подразбира “паричен надоместок , кој бил вид ангарија т.е. обврска за пренесување на различни нешта, преземена од предосманлискиот период “.

Така овој данок од 18 села го плаќале 16.Од податоците јасно се гледа дека него не го плаќало селото Грешница, додека пак за селото Миркос, кое се наоѓало во сегашниот атар на селото Кнежино, стои:”… Приход со испенче 220…” (испенче- паричен данок што го плаќале христијаните кој изнесувал за регистрираните старешини на семејствата како и за работоспособни неженети лица, по 25 акчиња годишно, а за вдовиците по 6 акчиња – м.з.) и ништо повеќе.
Од друга страна пак по основ на овој данок во “касата” на феудалниот господар годишно се прибирале 1540 акчиња.
Податоците “говорат” дека најголем данок плаќало селото Бачишта во висина од 300, а со по 150 акчиња годишно зад него биле селата Кнежино,Кошарани и Ериновци. Педесет акчиња помалку, односно по 100 плаќале селата Лазаровци, Подвижде, односно Подвис, Доленци и С’лп.
Данокот на “понос” кај останатите села се движел од 70 акчиња во Видрани, по 60 во Лахчани, односно Лавчани и Пополжани, 50 во Кладник, по 40 во Цер, Дреново и Павли Дол, додека пак најмал данок на “понос” во висина од 30 акчиња годишно плаќало селото Дрмник, кое се наоѓало во сегашниот атар на Кнежино.
И пак да се вратам на значењето на овој данок. Ако за него се вели дека бил паричен надоместок на “понос”, кој бил вид ангарија, т. е. обврска за пренесување на разни нешта…, тогаш можам да подвлечам оти феудалниот господар на секој можен начин гледал во своето ќесе да прибере уште неколку акчиња од рајата.

Автор: Зоран Јованоски(Моите Страници)

Фото: Википедија


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.