Интересни моменти од биографијата на Василе Ќипроски од с.Кнежино(1918 година,с.Кнежино-2005 година,Загреб)
Василе Ќипроски – Кралскиот кувар
По завршувањето на балканските војни и Првата светска војна дел од Македонија припаднал во состав на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците,подоцна наречено Кралство Југославија,како дел од тогашната Вардарска Бановина.
Од долгите војни македонското население било истоштено, осиромашено и на работ на преживување.Така голем дел од Македонците биле принудени да ги напуштат своите вековни огништа и да заминат на печалба во Белград,Софија и на други места.
Еден од нив кого животниот пат го однел најпрво во Белград,а потоа и на други места е и Василе Ќипроски од кичевското село Кнежино.Роден бил во 1918 година,веднаш по завршувањето на Првата светска војна,во сиромашно осумчлено семејство.Неговиот татко Милан бил сиромашен селанец кој се занимавал со сточарство и едвај го прехранувал своето семејство.Милан бил активен учесник во Илинденското востание и е носител на Илинденска споменица.
На 12(дванаесет) годишна возраст по препорака за сиромашни деца на тогашниот околиски срез во Кичево,односно тогашната Општина Кичево,заедно со Јован Мијакот-уште еден негов современик и соученик,се упатени на дошколување во Белград и на работа во кралскиот дворец(Белиот дворец на Дедиње) кај Кралот Александар Први Караѓорѓевиќ.
Поради својата снаодливост ,работливост и евидентниот талент кој го поседувал, Василе ,иако млад, за кратко време успеал да напредува и да стаса дури и до најистакнатата позицијата кралски кувар.За својата работа и вештина во кујната истиот имал добиено повеќе медалји и признанија.
Пролетта 1941-ва година започнала Втората светска војна со нападот на фашистичка Германија,а потоа и на нејзините сојузници,односно силите на Тројниот пакт,на Кралството Југославија.
Кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ со најблиската свита и соработници со колона возила се дава во евакуација,преку Црна Гора за Египет,а од таму во Велика Британија.Во колоната за евакуација се наоѓал и Василе,но бидејќи во авионите немало место за сите,тој бил принуден да се врати од Никшиќ за Белград.При враќањето тој бил заробен од Германците и потоа бил испратен во заробенички логор во Германија.
Животот во заробеништво отпрво не му бил лесен,но Василе поради неговата снаодливост и кулинарски вештини,успева да излезе од логорот за да работи како куќен помошник на имотот на некој тамошен германски офицер.За тоа време успеал премногу да се зближи со жената на германскиот офицер каде работел,поради што за малку ќе завршел и на стрелање,но сепак со нејзина сесрдна помош успеал да спаси жива глава.
По завршувањето на Втората светска војна во текот на 1945 година се вратил во Југославија,се вработува како шеф на кујна во ресторан во Загреб,каде основа и свое семејство.
По десетина години повторно,овојпат доброволно,заминува на привремена работа во Германија,т.е. во Минхен,каде повторно го работи тоа што најдобро го знаел,како раководител во ресторан и таму останува неколку години.
Потоа трајно се враќа во Загреб кај своето семејство каде останува да живее се до крајот на својот живот во 2005 година на 87 годишна возраст,каде и е погребан.
Карактеристично за неговиот живот е што го сакаше и никогаш не го заборави родниот камен,често доаѓаше и го посетуваше родното село Кнежино и во секоја прилика ги покажуваше своите врвни кулинарски способности.
Најважно од се ,секогаш беше горд на своето потекло и корени,никогаш не го заборави мајчиниот македонски јазик , беше носталгичен на родното Кнежино,горд што е Македонец и тоа не пропушташе да го потенцира во секоја прилика.
Родната куќа на Василе Ќипроски и семејната куќа на фамилијата Кипроски во с.Кнежино која и денес постои и му одолева на времето.
Подготвил:Спасе Ќипроски