Нашиот Старец, Архимандрит Партениј, избран за епископ

Денес, кога го славиме споменот на Светиот Апостол и Евангелист Јован Богослов, во црковното предание нарекуван уште и „Апостолот на љубовта“, тој ни благовести уште една радосна вест: нашиот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, нашиот нов апостол на љубовта Христова, од страна на светите архиереи од Свештениот Синод на МПЦ – Охридска Архиепископија, едногласно беше удостоен со највозвишениот и свет, апостолски архиерејски чин.

Ова ново послушание, овој голем крст во служењето на народот Божји, Светиот Синод му го возложи на нашиот Старец по барање на нашиот многупочитуван и возљубен владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој го побара за викарен епископ на нашата богочувана епархија. Новата владичка титула на Старецот ќе му биде Епископ Антаниски и игумен на Свештената Бигорска Обител. Насловот на оваа епископската титула доаѓа од древниот град Антанија, чијашто местоположба била кај денешниот Чебренски манастир и кој во доцното римско доба бил епископско седиште.

Наречението на Старецот за епископ ќе се одржи Претечевиот храм на Бигорската Обител, на 11 јули, во навечерието на празникот Собор на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, а хиротонијата – наредниот ден, на самиот апостолски спомен, во древниот и преубав храм на Премудроста Божја, „Света Софија“ во Охрид.

За нашата Свештена Обител е посебна радост што возљубениот ни Старец станува владика во годината кога таа го слави своето илјадалетие.

На монашкиот синаксис пред некој ден, на кој Старецот ни соопшти на браќата за неговиот избор за епископ, тој меѓу другото уште еднаш ја предочи неговата главна животна цел – духовниот напредок на монашката заедница и спасението на што повеќе луѓе:

ПОВЕЌЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК:
https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/nashiot-starec-arhimandrit-partenij-izbran-za-episkop/

Извор: Бигорски Манастир (www.bigorski.org.mk)


© Кнежино.мк - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.